Абазовиќ и Рама по средбата изјавија дека потпишаните договори ќе придонесат за подобра соработка меѓу двете земји.
Абазовиќ рече дека изградбата на мостот Бојана ќе чини околу 20 милиони евра и дека мостот ќе го скрати растојанието меѓу двете земји од десетици километри на 300 метри.
„Идејата за проектот ја покривме со наши средства, додека изградбата ќе ја покриеме со заеднички средства. Во Црна Гора платите се повисоки, така што Албанија не може да го плати мостот, ако веќе ја платила идејата за проектот“, изјави премиерот во техничкиот мандат.
Тој рече дека изградбата на мостот е важен инфраструктурен проект, кој ќе овозможи нов туристички производ за двете земји.
„Целта е луѓето да имаат полесен пристап, полесно да поминуваат, да се намали сообраќајниот метеж, да се доведе развојот на таа зона на повисоко ниво“, додаде Абазовиќ.
Потпишан е и Договор за отворање на заедничкиот граничен премин Свети Никола-Пулај на територијата на Албанија.
На свеченоста беше потпишан меморандум за разбирање меѓу Министерството за капитални инвестиции на Црна Гора и Министерството за инфраструктура и енергетика на Албанија за соработка во областа на енергетиката.
Потпишан е и договор во делот на заедничко одржливо управување со рибарството во Скадарското езеро и реката Бојана, документ за соработка во областа на здравствената заштита на растенијата, како и договор за соработка во областа на социјалната заштита.
На свеченоста беа потпишани и Меморандум за соработка меѓу двата ресори за одбрана, Меморандум за соработка меѓу црногорското Министерство за спорт и млади и албанското Министерство за образование и спорт, Програма за културна соработка за периодот од 2023 до 2025 година, како и Меморандум за соработка меѓу министерствата за здравство.
Албанскиот премиер Рама рече дека уште еднаш ја почувствувале „топлината на пречекот и афирмацијата на братството меѓу двете земји“.
„Албанија и Црна Гора се повеќе од соседи. Се среќаваме во време на предизвици за Европа и нашиот регион и во тој контекст, освен директните предизвици, важноста на ова братство и соседство изгледа многу поголема“, рече Рама.
Тој оцени дека брзината на пристапување во ЕУ зависи од регионалната соработка, а Албанија и Црна Гора се „целосно посветени“ на членството во Унијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.