Македонската машка ракометна репрезентација ги одработува мини подготовки за престојниот мундијалски бараж двомеч против Чешка.

Откако во првата рунда од плејофот, нашите ракометари ја минаа Романија, сега последна пречка пред нов настап на СП што ќе се одржи следната година, е селекцијата на Чешка.

Во меѓувреме селекцијата се комплетира, со приклучувањето на интернационалците, па вечерва селекторот и капитен Кирил Лазаров на располагање ќе ги има сите ракометари кои се најдоа на неговиот последен список.

Кои ракометари утре ќе отпатуваат за Злин, Лазаров ќе реши по утрешниот утрински тренинг.

Првиот дуел против Чесите на програмата е во среда (13 април) со почеток од 20:15 часот, додека реваншот ќе се игра во недела (17 април) во СЦ Борис Трајковски од 19:00 часот.

За овој натпревар денеска се пуштени во продажба влезниците и тоа по цена од 100 денари, а УО на РФМ реши, како дополнителен мотив за ракометарите, да има парична награда во износ од 50.000 евра за пласман на Мундијалот во Полска и Шведска 2023.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.