Македонската ракометна репрезентација, денеска попладне треба да го има првиот собир во Скопје, со што и официјално ќе ги почне подготовките за настап на Европското првенство (ЕП) во Германија, во јануари в година. Неодамна селекторот Кирил Лазаров го објави списокот на 19-те повикани ракометари на кои смета за ЕП 2024, но има и осум резерви, кои може да се приклучат во секој момент, доколку има потреба за тоа. Боите на репрезентацијата ќе ги бранат тројца интернационалци, голманот на португалски Порто, Никола Митревски, бекот на португалска Бенфика, Филип Талески, и левото крило на чешкиот Талент Плзен, Никола Костески. Другите ракометари се од три домашни клуба, Алкалоид (седум), Еурофарм Пелистер (шест) и Вардар (три).

Црвено-жолтите досега одиграа две подготвителни средби пред ЕП, забележувајќи по едно реми (29-29) и победа (23-22), на двете пријателски средби со Грција во Солун. Предвидени се уште еден меч со Црна Гора во декември и два меча во јануари, со Грција. Македонија на ЕП е во група заедно со домаќинот Германија, потоа со Франција и со Швајцарија. Првите две селекции од осумте групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните репрезентации, ќе обезбедат пласман во следната групна фаза.

Состав: Никола Митревски, Мартин Томовски, Марко Кизиќ, Филип Талески, Филип Кузмановски, Томислав Јагуриновски, Мартин Велковски, Давид Савревски, Иван Џонов, Марко Митев, Игор Ѓоргиев, Никола Маркоски, Жарко Пешевски, Милан Лазаревски, Едвин Омерагиќ, Ненад Костески, Никола Костески, Петар Атанасијевиќ, Цветан Кузманоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.