Поранешниот американски тенисер, Џими Конорс, кој со 109 триумфи на АТП турнирите е најтрофеен тенисер во историјата, би сакал да му биде тренер на Новак Ѓоковиќ, пренесе Спортманија.мк.

Конорс во својот поткаст ја прокоментира разделбата на Новак со тренерот Горан Иванишевиќ и потоа изјави дека нема ништо против да му биде тренер на Ѓоковиќ.

„Добро е понекогаш да се размрдаат работите, но повеќе не е забавно. Зарем секогаш е вината кај тренерите. Тенисерите од недела во недела патуваат заедно со тренерите, јадат заедно и понекогаш е потребен одмор. Да се размрдаат работите и да се види што ќе се случи. Можеби Горан го однесе Новак најдалеку што можеше и му понуди сè што можеше. На Ѓоковиќ потребни му се „нови и свежи очи“. Јас сакам да правам тениски поткасти и да зборувам за тенисот, но доколку се укаже можност, тоа секако би претставувало задоволство и чест Новак да размисли и за мене како тренер“, рече Џими Конорс.

Конорс кој има 71 година, нема преголемо тренерско искуство, го тренираше Енди Родик од 2006 до 2008 година, а потоа кратко работеше и со Марија Шарапова и Ежени Бушар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.