Интернациналниот олимписки комитет (ИОК) ги повика сите спортски организации да ги откажат или одложат натпреварите што планирале да ги организираат во Русија и Белорусија и да престанат да ги користат знамињата и химните на тие земји.

ИОК го испрати барањето поради воената интервенција на Русија во Украина, а откако Европската фудбалска унија (УЕФА) му ја одзеде организацијата на финалниот натпревар од Лигата на шампионите од Санкт Петербург и ја префрли во Париз и откако управата на Формула 1 ја откажа трката за Големата награда на Русија во Сочи.

Исто така, Меѓународната скијачка федерација (ФИС) денеска ги откажа сите натпреварувања во Русија до крајот на сезоната.

Русија го прекрши олимпиското примирје со нападот на Украина во четвртокот, само четири дена по завршувањето на Зимските олимписки игри во Пекинг.

Ова е трет пат во последните 14 години Русија да го прекрши олимпиското примирје, откако ја нападна Грузија за време на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година и го анектираше Крим набргу по завршувањето на Зимските олимписки игри во Сочи во 2014 година.

ИОК соопшти дека управните тела на светскиот спорт „треба да го земат предвид кршењето на олимпиското примирје меѓу руската и белоруската влада“ и дека „апсолутен приоритет мора да биде безбедноста на спортистите“.

Знамињата и химните не треба да се користат на претстојните натпревари. ИОК ја изразува својата длабока загриженост за безбедноста на олимписката заедница во Украина и целосно ја поддржува, се вели во соопштението на ИОК.

ИОК му даде целосна поддршка на Меѓународниот параолимписки комитет пред Зимските игри, кои почнуваат на 4 март во Пекинг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.