Чешкиот олимписки комитет и Владата се произнесоа против идејата за учество на руски и белоруски спортисти под неутрално знаме на Олимписките игри 2024 во Париз.
„Руските и белоруските спортисти не можат да учествуваат на Олимписките игри“, се наведува во соопштението на Чешкиот олимписки комитет, во кое се додава дека не постои „ниту една причина“ за преиспитување на нивното исклучување од меѓународните спортски натпреварувања за кое беше донесена одлука по почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари минатата година.
„Чешкиот олимписки комитет јасно ги поддржува санкциите кон Русија и Белорусија кои лани ги донесе Меѓународниот олимписки комитет и кои сè уште се на сила. Не гледаме причина да ги менуваме“, се порачува во соопштението.
Поддршка изрази и чешкиот премиер Петр Фиала, оценувајќи дека „настап на руски спортисти на Олимписките игри, во овие околности, не е добра идеја“.
„Навистина не можам да замислам руските и белоруските спортисти да учествуваат на Игрите во Париз, додека украинските спортисти гинат бранејќи ја својата земја“, изјави Фиала.
Меѓународниот олимписки комитет најави минатиот месец можност руските и белоруските спортисти да се вратат на олимписката сцена на Игрите во Париз, под неутрално знаме и под услов да не биле „активни поддржувачи на војната во Украина“.
Иницијативата веднаш ја отфрлија украинските власти, заканувајќи се со бојкот, кон што се приклучија и балтичките земји и Полска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.