Денеска и утре ќе се одржува 59-то издание на Мавровски меморијал меѓународен натпревар во нордиско дисциплини. Годинава, на најстариот скијачки куп на Балканот ќе учествуваат натпреварувачи од шест држави.

Организаторите, Скијачката федерација на Македонија и меѓународната скијачка федерација (ФИС) ги објавија поединосте за натпреварот кој е дел од ФИС Балкан купот.

На овогодишниот 59-ти Мавровски Меморијал ќе учествуваат 70 натпреварувачи од повеќе земји: Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија и Грција.

Техничкиот организатор е ски клубот Мирна Долина, под покровителство на АД ЕЛЕМ и Скијачката федерација на Македонија. Тие оваа година покажаа значителен ангажман за искористување на погодните временски услови и припрема на падините на Маврово на едно повисоко ниво, се наведува во соопштението на организаторите.

Настанот се одржува во спомен на 38-те градители на хидросистемот „Маврово” и 14-те граничари кои ги загубија животите во снежна лавина во 1956 година.

Мавровскиот Меморијал е еден особено важен куп за Скијачката федерација на Македонија, кој секоја година традиционално се организира. Во чест на загинатите градители на планината Бистра оваа година ќе скијаат и ќе се натпреваруваат врвни скијачи од 6 различни земји, а ние со нашиот ангажман и напорна работа ќе продолжиме да ја одржуваме традицијата и да го поддржуваме развојот на зимските спортови во Македонија, изјави Дејан Пановски, претседател на Скијачката федерација на Македонија.

Македонски преставници ќе бидат Ана Цветановска и Ставре Јаде, кои се пријавени за натпреварите за денес и утре.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.