Македонската кошаркарска репрезентација вечерва ја совлада Данска со 74:71 по продолжение од пет минути. По 40 минути резултатот беше нерешен 64:64.

Најдобар играч на средбата во Гевгелија беше Американецот со македонски пасош Ти-Џеј Шортс. На неговото конто отидоа 33 поени, шест асистенции и три скока.

Покрај Шортс, двоцифрен број поени во победничкиот состав постигнаа и Стојан Ѓуровски – 11 и Војдан Стојановски – 10.

Кај гостите се истакна Дарбо со 21 поен, но и промашен шут за три поени во последните секунди од продолжението.

„Црвено-жолтите“ бодрени од навивачите кои до последно место ја исполнија салата „26 Април“ ја запишаа четвртата победа во исто толку натпревари во претквалификациите за Евробаскет 2025.

На првиот денешен меч од Д-групата, Словачка како гостин ја победи Норвешка со 68:56.

По четири кола, Македонците се први на табелата со осум бодови, Норвешка и Словачка имаат по шест, Данците се последни со четири бода.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.