Фудбалерот на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор изрази критики за судењето во шампионатот на Шпанија.

Бразилецот смета дека не е заштитен од грубите стартови врз него, а напротив, судиите него веднаш го санкционираат за секој малку поостар дуел.

Кога ме фаулираат, судиите не ги вадат картоните. Штом првпат ги прекршам правилата, веднаш добивам картон. Не може играчот со најмногу фаули врз него да има најмногу опомени. Со Реал Мадрид тоа се случува постојано. Судијата вади картон во 89. минута, кога веќе 15 пати сум удрен. Подобро е да не го дава воопшто – ќе има повеќе време за играта. Не сакам да бидам во повластена позиција, туку сакам да реагираат кога треба и да даваат картони во оние ситуации кога треба да се дадат, изјави Винисиус.

Дваесет и двегодишниот Бразилец оваа сезона има 38 настапи за Реал Мадрид, постигна 18 гола и имаше девет асистенции. Тој има добиено седум жолти картони во Ла лига, каде што е играч со најголем број на фаули направени врз него.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.