Европската фудбалска федерација (УЕФА) донесе официјална одлука да ги исфрли руските екипи и репрезентации од натпреварувањата што под нејзина капа за следната сезона.

УЕФА објави дека Извршниот одбор ги продолжи санкциите за руската фудбалска федерација и нејзините екипи кои претходно ги донесе на 28 февруари.

Европската куќа на фудбалот, меѓу другото, и забрани на Русија да игра во Лигата на нации, додека руските тимови нема да учествуваат во Лигата на шампионите, Лигата на Европа и конференциската лига.

Руската репрезентација нема да учествува на претстојното издание на Лигата на нации каде беше сместена во групата 2 од Б дивизијата заедно со селекциите на Албанија, Израел и Исланд. УЕФА објави дека репрезентацијата автоматски ќе го зазеде четвртото место и нема да учествува на натпреварувањето кое започнува на 4 јуни.

Женската репрезентација е исфрлена од Европското првенство кое од 6. до 31. јули треба да се одржи во Англија. Местото на Русија ќе го зазеде селекцијата на Португалија која претходно беше елиминирана во плеј-офот од сега веќе суспендираната руска репрезентација.

Женската репрезентација нема да ги одигра преостанатите два натпревари во квалификациите за Светското првенство, како и претходните два кои беа откажани поради суспензијата.

Руските клубови следната сезона нема да учествуваат во Лигата на шампионите во машка и женска конкуренција како и во Лигата на Европа и Лигата на конференции.

Руските клубови следната сезона нема да учествуваат во Лигата на шампионите во мал фудбал, додека футсал репрезентацијата нема да игра квалификациите за СП.
Забрането учество на натпревари имаат и двете помлади категории во машка и женска конкуренција.

Исто така поништена е и кандидатурата на Русија поднесена за организација на Европското првенство во 2028 или 2032 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.