Под драконски безбедносни мерки, со стотици полицајци, хеликоптер, дронови и темелни контроли ќе се одржи денешниот фудбалски натпревар во Атина меѓу Панатинаикос и Марсеј, со цел да се избегнат нови инциденти и нови судири меѓу навивачите, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчките медиуми, рано утрово во полицијата бил одржан вонреден состанок за оперативниот план и мерките во пресрет на натпреварот во третото квалификациско коло за пласман во Лигата на шампиони.
Иако постои одлуката на УЕФА за забрана на гостинските навивачи да пристигнат во Атина, сепак по завчерашните инциденти и убиството на навивачот на АЕК, безбедносните мерки во грчката престолнина вечерва се очекува да бидат драконски.
Дополнителна загриженост претставува и фактот што навивачите на Марсеј се збратимени со оние на АЕК, исто како што се збратимени навивачите на Панатинаикос со оние на Динамо Загреб.
Медиумите во Грција пишуваат дека веќе се мобилизирани дополнителни полициски сили од останатите грчки градови, во делот околу стадионот ќе бидат создадени безбедносни зони за контрола, ќе се вршат проверки на пешаци, автомобили и метро станици, а ситуацијата ќе се следи и од воздух со помош на дронови и хеликоптер.
Денешниот натпревар, како и оној меѓу АЕК и Динамо Загреб што требаше да се одигра вчера, УЕФА ги карактеризираше како натпревари од висок ризик, поради што и беше донесена одлуката за забрана на гостинските навивачи да патуваат во Атина.
Забраната не спречи група од 150-200 навивачи на Динамо Загреб да поминат над 1.400 километри и поради пропустите на грчката полиција да стигнат и во Атина и пред стадионот на АЕК, каде што и беше убиен 29-годишниот навивач.
Токму затоа, во пресрет на вечерашниот натпревар, според медиумите во Грција, зголемена е контролата и на автопатите во земјата за да се спречи пристигнување на француски навивачи во Атина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.