Двајца членови на стручниот штаб на селекторот Роберто Манчини излегле позитивни на тестирањата на COVID-19, а италијанскитe медиуми јавуваат за непотврдени информации дека и петмина играчи се позитивни.
ФИГЦ информираше дека двајца од лекарскиот тим при стручниот штаб на Манчини излегле позитивни на денешното тестирање, по што преземени се мерки, а закажани се и дополнителни тестирања.
Прв информацијата ја објави Дарио Марколин, кој порано работеше заедно со Манчини во Интер, и јави дека има 7 позитивни од кои двајца лекари и петмина играчи. Дури подоцна ФИГЦ излезе со соопштение потврдувајќи дека позитивен тест добиле двајца лекари, кои веднаш биле ставени во самоизолација.
Разбрав дека петмина играчи од репрезентацијата добиле позитивен тест, плус двајца членови на медицинскиот тим. Не знам за сигурно, но така слушнав. Во секој случај, Манчини не паничи, изјави Марколин за Radio Kiss Kiss.
За резултатите на фудбалерите ФИГЦ не информираше, но известувањето дека „има и други позитивни резултати“ ја алармираше италијанската фудбалска јавност која стравува за кластер во репрезентацијата, на само два дена до важниот бараж со Македонија.
Деновиве позитивни случаи пријави Интер каде Лаутаро Мартинес и Матиас Весино мораа да ги откажат репрезентативните обврски, па шпекулациите се дека нивни соиграчи од италијанската репрезентација веројатно имаат позитивен тест. Воедно, неодамна Мануел Локатели од Јувентус беше позитивен, што кажува дека и во тој клуб имало ширење на вирусот.
Македонската репрезентација засега нема таков проблем бидејќи на последните тестирања пред денешното заминување за Италија сите беа негативни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.