Фудбалските и кошаркарските клубови „Партизан” и „Црвена звезда” должат 25 милиони евра во даноци, изјави денеска српскиот министер за финансии Синиша Мали.

Министерот Мали појасни дека фудбалскиот клуб „Црвена звезда” од државата и преку спонзорскиот договор со „Газпром” од 2012 година досега добил 63,4 милиони евра, а ФК „Партизан” 14 милиони евра.

За истиот период „Црвена звезда” должи 859,7 милиони динари за данок, а „Партизан” 1,29 милијарди динари.

Како што истакна Мали, Кошаркарскиот клуб „Црвена звезда” за десет години добил 26 милиони евра од државата, а во истиот период КК „Партизан” од државата и од спонзорскиот договор со „НИС” 24,4 милиони евра. Пресметано во данок, тоа изнесува долг на „Звезда” од 96,6 милиони динари данок, а за КК „Партизан” 649,7 милиони динари.

Тоа се седум милиони евра долг само од тие два кошаркарски клуба, рече Мали посочиувајќи податоци собрани преку деталната анализа на работењето на фудбалските и на кошаркарските клубови од страна на Министерството за финансии.

Се работи за наследен проблем што се провлекува со децении. Проблемот е што стана навика да и должите на државата колку сакате, а кога имате потреба да барате државата да помогне, посочи Мали.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.