Горан Пандев, во големо интервју за „Моцарт спорт“, зборува за почетоците во Италија, Лацио, тројната круна со Интер во 2010 година, Наполи. За соиграчите од Лацио, Интер, Наполи. Пандев исто така проговори репрезентацијата на македонија, историскиот меч со Грузија, но и за сосотјбите во македонскиот фудбал.
Горан Пандев за Македонија дебитираше против Турција, во јуни 2001 година. Последниот натпревар го одигра на Европското првенство во јуни 2021 година против Холандија.
За 20 години, Пандев за Македонија одигра 122 натпревари и постигна 38 гола.
Сите тие години бевте првата и веројатно единствената ѕвезда во македонската репрезентација, која во квалификациите беше главно аутсајдер без никакви шанси за пласман на големите натпреварувања. Но ти не се откажа…
„Во клубовите ми одеше одлично, но во репрезентацијата никако не можев да го остварам сонот, да играме на големо натпреварување. Знаев дека и ние сме мала земја и репрезентација која нема 20 или 25 големи играчи. Но, со Лигата на нации имаше шанса и се надевав. Се случи и спој на генерации, дојдоа Елмас, Барди, Велкоски и се вклопија кај нас постарите, каде уште беа Адеми, Ристовски… Таму се најдовме и успеавме преку Лигата да се пласираме на ЕП“.
Колку е тешко да губиш натпревари од година во година и да останеш во таа репрезентација?
„Имаше и период кога прескокнав едни квалификации. Но, кога ќе го облечете дресот на репрезентацијата и вашата земја, се е поинаку отколку во клубовите. Имаше кризи и порази. Загубивме од Андора, се срамев да се вратам во Лацио по такви порази. Реми со Холандија па губиш од аматери од Андора?! Тоа само нас може да ни се случи… се враќам во Рим и не можам да се средам месец дена после тоа, а Делио Роси вика и ме прашува што ми е. Ми рече да се откажам од репрезентацијата бидејќи и онака секогаш сме петти во групата. Но за мене репрезентацијата е светост. Подоцна, кога дојде тренерот Ангеловски, се промени и менталитетот на играчите. А Лигата на нации им олесни на малите земји како Македонија“.
Ја спомнавте таа помлада генерација која претходно играше на младинското ЕП. Колкаво влијание имавте конечно да создадете успешна генерација македонски фудбалери?
„Тие видоа лидер во мене. Поминав низ многу лоши моменти во кариерата со репрезентацијата и постојано им го кажувам тоа. Тие се најдобрата генерација што ја имала Македонија. Во секоја генерација имавме под два-тројца добри играчи како Митрески, покојниот Милошевски, Седлоски, Несторовски… Но, никогаш немавме ваква екипа. Затоа им помогнав на помладите да го тргнат притисокот. Го зедов тоа на себе и полесно играа. Се договорив со селекторот кога ја презеде репрезентацијата, бидејќи навистина веруваше во оваа генерација. Не ми беше проблем да бидам на клупата, ниту да трчам повеќе од помладите. Тоа беа моите последни години во репрезентацијата и се случи да се пласираме на ЕП“.
Што ви се вртеше низ глава кога го постигнавте голот против Грузија кој ве однесе на Европското првенство? Уште 40 минути до крајот…
„Само се надевав дека така ќе заврши натпреварот. Мислев дека Бог одреди да постигнам гол и да одиме на ЕП. Имав чувство дека победуваме. Знаев дека тоа може да биде последен меч во мојата кариера и дека сакам да се збогувам од репрезентацијата на ЕП“.
Дали македонскиот фудбал го искористи тој резултат за да напредува или се се врати на старо?
„Жал ми е што велам, но сè се врати во нормала. Во Фудбалската федерација на Македонија работат луѓе кои не се заинтересирани за фудбал. Отидовме на ЕП, но не искористивме ништо од маркетингот, од спонзорите… Кај нас се случува екипи да го откажат учеството во лигата една недела пред почетокот на сезоната. Тоа е вистински срам. Луѓето го гледаат само сопствениот интерес. Жал ми е и се надевам дека нема да чекаме уште 30 години за да се пласираме на големо натпреварување, но мислам дека со овие луѓе одиме по лош пат. Проблемот не е А репрезентацијата, туку помладите селекции во кои играат деца кои не заслужуваат да играат. Условите за игра се катастрофални“.
Дали имате амбиција да го промените или да поддржите некој што би го променил?
„Немам амбиции да бидам претседател на Федерацијата. Но, сакам нашиот фудбал да се спаси од овие сегашни луѓе. Тоа се погрешни луѓе. И јас имам свој клуб во Македонија, изградив спортски центар, сакам да вложам мои пари и да им помогнам на помладите категории… Но, кога работиш со вакви луѓе… Има и други спортисти кои му мислат добро на фудбалот, но премногу е влезена политиката“.
Колку е тешко да ги вложите вашите пари во таква средина?
„Искрено, кога би се вратил назад 10 или 15 години,не би го направил истото… Не би инвестирал во првиот тим, туку само во помладите категории. Нашата прва лига е катастрофа. Немате помош од Федерацијата, немате маркетинг, цените на играчите се смешни… Федерацијата потпишува договор за ТВ права, а клубовите не добиваат ништо. Ама што ќе правиш… Ќе продолжиме, ќе се бориме и ќе ги чекаме вистинските луѓе. Нашата лига е катастрофа“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.