Шампионот на Македонија Струга Трим Лум се соочува со проблеми во својот дебитантски настап во квалификациите на Лигата на шампионите против Жалгирис од Литванија. Причина за тоа е НАТО самитот кој на 11 и 12 јули се одржува во главниот град Вилнус.

Првиот меч треба да се одигра токму на 11 јули па домаќините побараа од стружани промена на домаќинството, односно нашиот тим да биде домаќин на првиот меч.

Како причина е наведено дека тие денови Литванија ќе биде под обезбедување од највисок степен поради високите гости па ќе биде тешко да се организира мечот. Згора на тоа, сите хотели и сместувачки капацитети во Вилнус ќе бидат зафатени и ќе биде тешко да се обезбеди хотел.

Вилнус испратил и официјален допис до Струга Трим Лум во кое се наведени овие причини за промена на домаќинството, а се жалат и на условите на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид каде треба да се одигра реванш мечот.

И покрај овие околности, Струга Трим Лум не попуштила и мечот ќе се одигра како што е одредено со ждрепката, прво во Вилнус па во Охрид, дознава „Република“.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.