Фудбалската репрезентација на Македонија ја победи Ерменија во пријателски натпревар одигран во Струмица. На мечот што се играше на стадионот „Благоја Истатов“, македонските фудбалери славеа со 3:1.

Уште од самиот почеток „комбинираниот“ тим на Милевски, тргна офанзивно. Имаа неколку обиди нашите фудбалери да го загрозат гостинскиот гол, но немаше ефект. Така беше се до 43-та минута, кога по одличната акција на Елмас, Александар Трајковски ја круниса со гол за водство од 1:0.

Во вториот дел Трајковски имаше можност и за втор гол, но неговиот обид заврши во надворешниот дел од мрежата. Затоа пак во 58-та минута стигна вториот погодок. По акцијата и обидот на Елмас кој ја погоди стативата, Милан Ристовски зголеми на 2:0.

Во самиот финиш, односно 88.минута, повторно по акцијата на Елмас, со својот првенец дебитантот Ердон Даци зголеми на 3:0. И кога сите очекуваа крај, во последниот удар на Спертсјан (90-3), Ерменците намалија на 3:1.

Следниот месец, нашата селекција ја очекуваат последните два натпревари во квалификациите за ЕП 2024-та. На 17 ноември во Рим, Македонија ќе и гостува на Италија, а три дена подоцна (20 ноември) во Скопје, ќе ја пречека Англија.

Токму Англија и Италија вечерва го играат својот меѓусебни дуел во евро-квалификациите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.