Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница дискутираше во однос на работата и постигнатите резултати на македонската репрезентација во квалификациите за ЕП 2024 и одлучи селекторот Благоја Милевски да остане на функцијата.
– Управниот одбор на ФФМ го почитува начелото „на стара слава не се живее“. Незадоволство од постигнатите резултати е впечатокот кои го делат и членовите кои одлучуваат за избор на селектор на националниот тим.
Меѓутоа, имајќи ги в предвид околностите во групата во која се наоѓа македонската А-репрезентација во квалификациите за ЕП 2024, распоредот на натпревари кои следува и релативно краткото време до завршување на договорот со актуелниот селектор, е на став Благоја Милевски да продолжи со работа во националниот А тим. Договорот на селекторот трае до ноември 2023 година.
Како што е убаво кога се победува, така е тешко кога се губи. ФФМ во следниот период ќе го даде најдоброто решение за репрезентацијата, соопштија од „Куќата на фудбалот“.
Изминатиот период се шпекулираше дека ФФМ ќе му додели отказ на Милевски, а притисокот од јавноста за оставка на селекторот се зголеми по повлекувањето од националниот тим на капитенот Стефан Ристовски поради нарушен однос со предводникот на „црвено-жолтите“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.