Програмата на „Звукот на Скопје“ во сабота (17 септември) продолжува со несмалено темпо и содржини. Бендовите кои ќе настапат на плоштадот „Мајка Тереза“ (пред Филхармонија) и на Ибни Пајко испраќаат модерна, моќна и енергична музичка разгледница за Скопје.
Плоштадот Мајка Тереза (пред зградата на Филхармонија) в сабота е локацијата на која настапуваат: Брука бенд (Brooka bаnd) Foolish Green, Bla, Bla, Bla…Тони Китановски и Черкези и „Љубојна“.
„Brooka band“ е скопски реге/рага/рап бенд формиран 2014 година чии членови се: Жарко и Дарко Масларковски, Александар Савовски и Лупчо Симоновски, а во полниот состав на бендот се и вокали, тапани, гитара, бас гитара, клавијатури, труба, алт саксофон, тенор саксофон, тромбон, перкусии и ди џеј. Во 2018 година го издадоа албумот „До Преѓе“ кој има над 400.000 преслушувања на јутуб и едно ЕП во 2020, како и неколку синглови.
Групата „Foolish Green“ на локалната сцена се појавува во 2010 година како јасна идеја на Ненад Стефаноски за создавање музика со широка разновидност на влијанија од психоделичните поп и рокенрол жанрови. Членовите Ненад Стефаноски – вокал и гитара, Драган Стојковски – бас гитара, Петар Лукиќ — пијано и клавијатури, Александар Ванчовски — тапани и перкусии и Ади Имери — гитара и вокал преку користењето алтернативни методи за снимање и за создавање хармонични гласови над музичките структури, од „Foolish Green“ создадоа еден од највозбудливите и најинтересни состави на актуелната македонска музичка сцена.
Тони Китановски и Черкези уште еднаш пред скопската публика ќе се претстават со автентичен израз и ќе покажат дека спојувањето на љубопитните музички духови на Китановски и дувачкиот оркестар на Черкез Рашид произведе многу оригинални ефекти и остави печат на меѓународната сцена изминативе петнаесетина години. Фузијата на џезот со ромската музичка традиција стана движечка сила на нивните музички потфати. Првите години на составот беа обележани со звукот на три генерации музичари од семејството Рашид, а Тони го истакнуваше автентичен индивидуален израз на секој музичар при креирањето на оригинални композиции и аранжмани за овој оркестар.
„Љубојна“ или „љубов“ и „бој“, еден од најпознатливите и најрепрезентативни бендови во регионот, најавтентично го пренесува пулсот на музичкиот бит во не само она, што се нарекува урбан, туку и светски отворен звук. „Љубојна“ не е само популарен бренд. Таа е идеја која направи супер саунд од една заборавена музика и стана јадро околу кое гравитираат многу музичари и од кое црпи младата публика. Вера Милошевска заедно со Оливер Јосифовски веќе 15 години ја освежува музиката одново и одново, одржувајќи го звукот модерен, моќен, кадифен, елегантен и енергичен.

„За Скопје со љубов“ е проект на групата „Баклава“ со авторски песни посветени на градот Скопје, кој ќе го проследиме на плоштадот Ибни Пајко. Авторката Елена Христова ја црпи инспирацијата која од убавините на Скопје и од приказните кои градот ги раскажува. Ова е вид музичка разгледница за Скопје која со љубов на оргинален и автентичен начин ја сведочи и афирмира културата и убавината на нашиот град која наскоро ќе се најде и на носач на звук. Се работи за 15 нови авторски песни, приказни, фотографии и кратки видеа кои Елена Христова, како пејачка, музичарка, композиторка, истражувачка и документаристка ќе ги изведе пред локалната публика.
Во музичкиот дел од програмата предвидена да се изведе на плоштадот Ибни Пајко ќе настапат и Дориан и Добрила Дуо и „Перија“.
Добрила и Дориан ја започнуваат својата соработка уште во 2009 година во Чалгија саунд систем – бенд кој до денес ја негува традиционалната чалгиска музика (албумот Чалгија саунд систем, 2010 година Profundus), но и ја осовременуваат во нивниот втор авторски албум наречен Тихувај (Профундус 2019). Нивната заедничка музичка авантура во форма на дуо започнува во 2020 година создавајќи го проектот Добрила и Дориан Дуо и првиот заеднички албум наречен Апокриф (SJF Records 2021), кој уште при самото негово појавување е оценет како ремек-дело.

„Перија“ е музички состав кој може да се класифицира како dark folk или world music. Нивната музика е експеримент составен од музичките влијанија на членовите (Катерина Димитровска, Огнен Златанов, Леа Милиновиќ и Деа-Делина Плевнеш), кои варираат околу традиционалната музика на балканот, макамите од Блискиот Исток, пост-панкот, атоналната музика, итн. Текстовите на песните се на различни јазици од балканот, нивната идеја е едноставна: заедништво, неподеленост, неомраза…а темите на кои се нафаќаат се често деликатни општествени теми.
На плоштадот Ибни Пајко ќе може да се погледне и изложбата на колажи „Егзотика/Еротика“ на Игор Калц, кој на духовит и ироничен начин си поигрува со препознатливи визуелни елементи, креирајќи нова реалност. Калц преку случаен избор на симболи и значења (елементи на еротско, митско, мистично, фантастично, надреално…) создава неочекувана реалност во која лежи магијата и убавината на колажната техника.
Поетското читање на вљубениците на пишаниот збор ќе им понуди пријатна средба со стихови, бидејќи поетите создаваат пред се за да го усовршат светот и ја поместуваат стварност до крајни граници.
Најмладите и нивните родители ќе имаат можност да ја проследат детската престава „Куферко светскиот патник од Македонија” на Симона Ристевска, која на сликовит начин создава визија за Куферко – мало, љубопитно, срамежливо но, и темпераментно куферче, кое секогаш успева да биде во центарот на вниманието.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.