Ван Гог, Сања Вучиќ, Амадеус Бенд, Наум Петрески, Суперхикс, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски, Таско, Том Нови, диџеј Боно, Огнен Здравковски се дел од музичките гости кои ќе настапат на најпопуларната забавна манифестација во Прилеп, фестивалот на пивото кој годинава го носи името „Prilep Beer Weekend“ кој ќе се одржи од 9-ти до 11-ти август.

окацијата, на одржувањето на манифестацијата останува истата, во центарот од градот на плоштадот „Александрија“, организатор на годинешната манифестација е продукцијата „Евент гроуп“ од Скопје.

Богатата музичка програма на „Prilep Beer Weekend“ верувам дека ќе ги задоволи вкусовите на сите посетители бидејќи баравме изведувачи од различни музички жанрови. Ќе настапат близу 20 изведувачи од земјава и Балканот, а во оваа прилика би открил неколку имиња: музичката група Ван Гог, групата Амадеус Бенд, македонската група Суперхикс, која слави 30 години од постоење на музичката сцена, балканската поп пејачка, Сања Вучиќ, македонскиот фолк изведувач, Наум Петрески, а ќе настапи и светски познат диџеј. Но, целата фестивалска програма ќе биде позната во наредните денови – истакна Дарко Крстески од продукцијата „Евент гроуп“.

Од Општина Прилеп информираат дека ќе ја поддржат манифестацијата со буџет од еден милион денари. Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, вели дека градот е подготвен за еден од најголемите фестивали на пивото и скарата во Македонија и на Балканот.

-Јавен ред и мир, паркинг, хигиена, водоснабдување, вклучени се сите јавни комунални претпријатија. Градот ќе биде максимално подготвен. Со организаторот потпишавме меморандум за соработка и обезбедена е одлична музичка програма. Како градоначалник сакам да изразам благодарност на сите пиварници, угостители и компании кои се партнери на овој фестивал и заеднички да придонесеме кон подобар локален економски развој – рече Јовчески.

Манифестацијата „Prilep Beer Weekend“ ќе се простира на површина од околу 3.000 метри квадратни предвидени за поставување на штандовите и музичката сцена. За време на одржувањето на фестивалот Советот на Општина Прилеп донесе одлука работното време на Чаршијата и угостителските објекти, во трите фестивалски дена, да биде продолжено за два часа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.