Четвртото издание на Котон блуз фестивал, освен квалитетна блуз музика, ќе понуди и работилница за рачна изработка на гитари, од еден од најпознатите светски изработувачи на гитари, Јани Павеза, но и ликовна колонија од неколкумина македонски уметници.

Претставување на Павеза гитарите и предавање за процесот на нивната изработка , што ќе го одржи еден од најпознатите мајстори за рачна изработка на акустични и електрични гитари, Јани Павеза, ќе се одржи на 24 мај, во Горното Фоаје на МКЦ. Влезот ќе биде слободен, а случувањето ќе биде со почеток од 13:00 часот.

Во склоп на Котон блуз фестивалот, познатиот македонски ликовен и музички уметник Игор Станоевски заедно со уметниците Трајче Павлов, Боро Арсовски и Драган Милованов формираше ликовна колонија. За време на концертите, паралелно ќе има и ликовно творештво по што ќе следи и изложба на делата.

Двете вечери на Котон блуз фестивал (24 и 25 мај) ќе бидат одбележани од настапите на данското трио „Трејнмен блуз“, добитници на повеќе европски блуз-награди, како и специјалниот гостин од Чикаго и син на легендарниот Мади Вотерс, Мад Морганфилд, кој во Скопје ќе се претстави со карактеристичниот и енергичен чикашки блуз звук.

Овие две големи светски имиња, ќе бидат придружувани, некои заедно со нив на сцената, а некои со засебни настапи, од редица македонски музичари, кои го негуваат блуз звукот.

Билетите за двете вечери на Котон блуз фестивал може да се набават онлајн, преку сајтот на МКЦ, а сите средства добиени од продажба на влезници ќе бидат донирани во хуманитарни цели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.