Кларинет, хармоника и фрула се инструментите кои се споија во една нова композиција „Извор“, а извонредните балкански академски музичари Благојче Трајковски, Александар Софронијевиќ и Неда Николиќ ги здружија своите докажани таленти на маестрален начин.
Иницијатор на оваа соработка е македонскиот познат кларинетист, кој две децении ја негува традиционалната музика преку нови форми на етно жанрот, со елементи на импровизации и современ аранжерски пристап. Неговата цел е фолклорот да го преточи во современа уметност, а давањето на модерен звук инспириран од изворната музика претставува автентичен придонес за домашното, но и светското културно богатство.
Трајковски е академски музичар и неговиот пристап во создавање и интерпретирање на музика, секогаш се одвива низ процесот на истражување, а изборот да соработува со врвни музичари од Балканот е негова определба која дава визибилност на нашите традиции во светски рамки.
Португалија го има Фадото, Чешка ја има Полката, Ирска ја има својата традиционална музика…зошто ние често се срамиме од нашата традиционална музика, кога имаме фантастична основа да доминираме на светската музичка сцена која уште во далечната 1983 година тргна во сериозна кампања за афирмирање на традиционалната музика на светот. Се родија специјализирани емисии кои ги промовираа традиционалните ритми на различни народи, истото се случи и со издавање на магазини кои беа специјализирани за World music, како што е британскиот “Songlinesa” кој и денес е највлијателен печатен медиум за традиционална музика. Денес, жанрот World music е моќна музичка индустрија. Тоа е шанса традицијата на еден народ, преку нова квалитетна музика да му се претстави на светот на најдобар можен начин. Од искуство знам, кога сум гостувал на светски сцени, публиката одлично реагира на звуците на македонската и на музиката од Балканот и ја почитува таа музичка матрица. Па така се роди и „Извор“, вели Трајковски за овој негов најнов проект.
„Извор“ е инструментална композиција која е создадена во духот на македонската музичка традиција, но со еден урабан и современ пристап во аранжерското обликување, кој ѝ дава една свежа и современа боја.
Во оваа композиција солистичката улога ја имаат кларинетот, хармониката и фрулата. Сите три инструменти даваат една своја посебна емоција, боја и интерпретација, проследена со неверојатна виртуозност.
Музиката ја создавав специјално за оваа комбинација на инструменти и секако за овие врвни музичари. Чест ми беше да соработувам со Александар Софронијевиќ и Неда Николиќ. Тие имаат беспрекорен професионален пристап кога работат, а за нивниот неверојатен музички талент добро знае и светот. Тие се значајни луѓе за Балканската музика и мојата желба да ги имам за соработници се исполни, истакнува Трајковски.
Александар Софронијевиќ и Неда Николиќ специјално допатуваа до Скопје за снимањето на видео спотот, кој е одлична визуелна приказна која веќе се врти на балканските ТВ канали.
Извор е дело на кларинетистот Благојче Трајковски кој се јавува како композитор, аранжманот го направи Димитар Христов. Позади аудио продукцијата стои Дејан Момироски, а видеото го режираше Ханис Багашов. Издавач и дистрибутер на ова парче музика е продукцијата на Александар Софронијевиќ АС СТУДИОТОН од Белград.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.