Во свечената сала на Офицерскиот дом – КИЦ „Битола“ беше презентирана концепцијата на фестивалот „Ех, таа серенада“, која значи навраќање на традициите карактеристични за конзулска Битола, на серенадата како музички жанр, како и за значењето на оваа манифестација за битолчани, за македонската музичка продукција, како и за огромниот интерес од граѓаните.

Миодраг Неќак, уметнички соработник и етаблиран музички продуцент, го објасни процесот на објавување конкурс, селектирање на конечните 16 мелодии, големиот интерес од автори и изведувачи, што претставува идна основа за следното фестивалско издание, како и детали за продукцијата и постпродукцијата на песните од фестивалот.

Тодор Ивановски во својство на лице одговорно за организација и туристичка промоција ја нагласи синтезата на културата и културното наследство, во кое секако припаѓа староградската песна, и Офицерскиот дом како интегрален дел од туристичката промоција на Битола.

Во рамките на пред фестивалските промотивни активности за посетителите и туристите е достапно бесплатно возење со битолскиот пајтон во комплексот на Офицерскиот дом секоја вечер од 18.30-21.30 ч. што наиде на голем интерес од граѓаните и посетителите, информира организаторот.

За денеска се закажани тонска проба со изведувачите и техничките подготовки, а веќе за утре се финалните подготовки за фестивалот на староградска музика „Ех, таа серенада“.

Фестивалот почнува утре во 21 часот, а влезниците се бесплатни. Оние граѓани што не набавиле влезници ќе бидат сместени во слободниот простор на платото, во рамките на просторните можности, информираат организаторите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.