Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности „Креативна верига“ објави конкурс за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“, во чест на поетот и писател за деца, Тоде Илиевски.

 

Жирито во состав: Горјан Петревски, Николина Андова Шопова и Живко Грозданоски, ќе ги издвои трите најдобри песни, за кои се предвидени и парични награди:

9 000 денари – I место;

6 000 денари – II место;

3000 денари – III место.

 

На 7 март се полнат 71 година од раѓањето на Тоде Илиевски, поет и писател за деца и млади, хуморист, сатиричар, енигматичар, шаховски проблематист и воопшто, вљубеник во игрите.

 

Авторите својата необјавена песна треба да ја пратат во засебен документ (.doc, .rtf…) на е-меил адресата: kreativnaveriga@yahoo.com заклучно со 21 февруари 2023 година. Секој автор може да учествува со само по една песна. Во текстот на електронската пошта потребно е да бидат наведени името и презимето на авторот, како и телефонски број за контакт. Со цел да се обезбеди анонимност, сите пристигнати песни, без податоци за авторите, од страна на организаторите ќе бидат препратени во посебен документ до стручното тричлено жири, кое по принцип на бодување прво ќе направи потесен избор на творби, а потоа ќе ги одбере и трите победнички песни.

 

Од песната се очекува да ги исполнува општите начела на книжевноста (лириката) за деца. Сепак, со посебно внимание ќе бидат разгледувани и ценети оние творби што ќе ги земат предвид особеностите на наследството на Илиевски, неговиот однос кон книжевноста и културата, и пред сѐ поетиката на неговата поезија за деца.

 

Добитниците на наградите ќе бидат објавени на настанот посветен на Тоде Илиевски, што ќе се одржи на 7 март 2023 година во Охрид, додека наградените песни и песните што ќе влезат во потесниот избор, ќе бидат објавени во шестиот број на електронското списание „(е)Лит“, што го објавува здружението „Креативна верига“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.