Групата „Фонтана“ заедно со трубачот Џамбо Агушев направи урбана обработка на „Касапско оро“, една од најпознатите инструментални теми во целокупната балканска музичка традиција.
За потребите на документарниот филм посветен токму на „Касапско оро“, кој треба да се промовира наскоро е направена токму оваа обработка со еден современ урбан призвук, а солистичкиот дел изведен од Благојче Трајковски и Џамбо Агушев го содржи целокупниот колорит кој го има балканската музичка традиција.
Поканата да го реализираме ова парче музика за мене, а и за останатите колеги беше чест и големо задоволство. Мене како солист ова ми е трета обработка на оваа безвременска тема и секаде каде што ми се овозможува прилика со задоволство ја изведувам. Посебно се радувам што токму со Џамбо го реализиравме овој документ. Легендарните снимки од ова оро „Касапско“ кои ги оставија Тале Огненовски и Благоја Дескоски, се еден столб во македонската традиционална музика и заслужуваат бескрајна почит. Тие изведби за мене лично претставуваат огромна инспирација. Па оттука и ми се роди желбата да дадам и јас свој придонес во оживувањето и развојот на оваа исклучителна музичка тема, вели Трајковски.
Оваа безвременска тема своевремено ја обработија и ја документираа како аудио записи легендарните инструменталисти: кларинетистот Тале Огненовски и виолинистот Благоја Дескоски, така што со нивната изведба оваа тема остана цврсто втемелена во аналите на македонската музичка историја.
Аудио продукцијата се реализираше во студио „ПОДРУМОТ“ од Ангел Ќосев, а за видео продукцијата беа задолжени ВЕСТА ПРОДУКЦИЈА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.