Вечерва, со почеток од 20 часот во МКЦ ќе се одржи концерт на битолскиот бенд „КОД 369“ (CODE 369).

Влезот е слободен, со претходно подигнување/резервирање бесплатни билети преку www.bileti.mkc.mk

КОД 369 е македонски бенд од Битола, формиран во 2020 година. Членови на бендот се: Ирена Димовска (вокал), Даниел Митревски (гитара, придружни вокали), Иле Лулевски (тапани, придружни вокали) и Коста Стеваноски (бас-гитара, клавијатури).

Тие се продолжение на долгогодишната музичка дејност на членовите на Памперс (Ирена Димовска, Даниел Митревски и Иле Лулевски). Во музиката на КОД 369 се внесени нови музички моменти на фанк, џез и класични инструментализации, кои проткајуваат во препознатливата рок-основа и влијанија на современата музика во домен на поп и рок. Нивната музичка мисла секогаш се наоѓа на границата помеѓу алтернативниот рок и комерцијалната рок и поп-музика, задржувајќи ја свежината, слободата и авангардните идеи на првата категорија и прифатливоста на втората. Во нивните текстови може да се препознаат универзалните човекови и книжевни вредности, љубовта како движечка сила и моќта на индивидуата како двигател кон своето најдобро јас.

Албумот Stages of Love е првиот албум што го создадоа и снимија како КОД 369. Првиот сингл со наслов „Остани до крај“ е истовремено амбиентален и подвижен, искажувајки ги турбуленциите на емоциите. Стиховите се стремат да ja величаат љубовта на долги патеки.

Настанот ќе биде организиран со почитување на актуелните ковид-протокли.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.