НУ Камерен Оркестар на Битола го одржа своето прво гостување во Виена со концертот „Македонски евергрини и повеќе“, во величествената црква Св. Ана, еден од најубавите барокни храмови во австриската престолнина. Виена, позната како културна метропола и центар на класичната музика, беше идеално место за претставување на македонската музичка традиција, а “Св. Ана“, со својата извонредна акустика и впечатлива архитектура, создаде совршена атмосфера за овој свечен настан.

Настанот се одржа по повод 33 години од прогласувањето на независноста на Македонија и беше свечено отворен од амбасадорот на Македонија во Австрија, г-дин Освит Росоклија. На концертот присуствуваа амбасадори од повеќе земји, а црквата беше исполнета со Македонци кои живеат во Виена, кои со огромна љубов ја проследија изведбата на македонските евергрини.

Познатите вокали Ирена Крстеска, Агни Авшар и Ристо Самарџиев ја воодушевија публиката со изведби на безвременски македонски хитови како „Налеј, Налеј“, „Болен ми лежи“, „Елено ќерко“, „Бор садила мома Евгенија“, „Кажи зошто ме остави“, „Љубов неверна“ и многу други. Аранжманите на сите песни беа дело на Владимир Димовски, кој воедно беше и диригент на концертот.

Во својата изјава, Владимир Димовски, диригент, организатор и аранжер на настанот, рече:
„За нас, да гостуваме во Виена – градот со најбогата музичка историја и дом на големите светски композитори, е огромна чест и привилегија. Виенската публика, со својата љубов кон музиката и уметноста, ни овозможи да го пренесеме духот на македонската музичка традиција на начин на кој најдобро знаеме – преку срце и душа. Ова гостување е огромен чекор за Камерниот Оркестар на Битола, и горди сме што можевме да бидеме дел од оваа грандиозна музичка сцена.“

Публиката беше воодушевена од концертот, а ова прво гостување на НУ Камерен Оркестар на Битола во Виена остави силен впечаток, претставувајќи го македонскиот музички дух пред еден од најпрестижните музички центри во светот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.