Изминатиот викенд Кратово живееше со добрата музика на „Златни денови Кратово 2024“, со музички изведби за сечиј вкус.

Во петокот на традиционалниот старт на  манифестацијата настапуваа „Кратовските тамбураши“, кои секоја година успеваат умешно да внесат нова свежина со својата изведба на некои од најомилените народни македонски песни.

Атмосферата ја збогатија „Трио Тајфа“, „Распеани кичевчани“, а мелосот на народната музика се разлеа и со изведбата на „Мерак меана“ и „Мераклиите“.

Со вистинско мераклиско пеење, Блага Петреска, Влатко Миладиноски, Дамјан Стојаноски, Благоја Грујовски, Кате Брезева Соната, Златко Миладиноски, како и Елена и Лазар Наумови, како и секогаш успеаа да ја оживеат убавината на македонската народна музика.

А ново ниво на енергија на летната вечерна сцена на кратовскиот плоштад, донесоа и незаменливите „Брас брадерс“ од Битола.

Бисер на двете вечери беше и познатата македонска водителка, Лила Филиповска.

Втората вечер од „Златни денови Кратово 2024“, започна во рок стил, со настапот на кратовскиот рок бенд „B.A.D.“, а сите присутни во еден глас пееја и танцуваа и со „Ana & the Girls“, како и единствениот Пајак.

„Тропико бенд“ ги размрда сите генерации со своите легендарни песни, а по полноќ под кратовското ѕвездено небо, младите уживаа со препознатливиот локален Dj Zhack, чиј диџеј сет го одбележа и крајот на годинешното издание на ова традиционално музичко доживување, кое го разубавува Кратово секое лето.

„Златни денови Кратово“ и оваа година со добра причина дефинитивно ќе останат денови за паметење.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.