Јуре Бркљача (27), млад музичар од Задар -Хрватска, на Интернационалната вечер на „Охрид фест“ со песната „Не постојим кад ниси ти“ на Мирослав Рус ја освои првата награда од публиката. Со „медитеранот во себе“, топлината во гласот и далматинска непосредност ги освои сите, па вети дека ќе доаѓа почесто.
Неговиот музички пат во Хрватска започна на натпреварот „Тhe voice“ во 2015 година, и за само неколку години целиот талент и дарба испливаа на површина. Еве со какви импресии Јуре се врати во својата татковина.
По поминати 1000 километри, што прво направи кога пристигна дома?
Патував со феноменална екипа од Словенија, што за прв пат ја запознав, а се дружевме како да се знаеме со години. Тоа беа новинарот Вања Вардјан и дел од групата „Рандеву“, Миро Чекелиш и Божидар Волфанд. Од Охрид тргнавме за Загреб, со неколку паузи, па и „гурманска“ во Скопје, каде ручавме, пристигнавме во понеделник, околу 4 часот наутро. Првин легнав да се наспијам. Потоа, веднаш се фатив за гитарата а потоа почнав со тренинг.
И, кои се впечатоците неколку дена по победата на „Охрид-фест“, раскажи се: како беше на фестивалот, колку те изненади наградата, ја почувствува ли енергијата на исчекување на „она нешто“?
Голема чест ми е победата на „Охрид фест“ а најдраго ми е што публиката го препознаа медитеранот во песната. Се изненадив како луѓето ме прифатија „од прва“. Целта ми беше да дојдам во Македонија, да се претставам и да ја запознам вашата земја, не размислував за никаков пласман. Особено што едни од моите најголеми музички идоли ми се Тоше Проески и Влатко Стефановски, така што честа да победам во земјата од каде што се тие, е уште поголема.
Првпат во Македонија и ете, се случи убава работа, награда и можноста да ни доаѓаш почесто. Што ти се допадна кај нас – Охрид, луѓе, храна?
Македонија и Охрид за првпат. Најмногу од се ми се допаднаа луѓето кои имаат голема љубезност кон гостите. Охрид е прекрасен, го има „она нешто“. Сите денови пред фестивалот се дружевме во локалот Харбор и свиревме клавир. Запознав добри луѓе и пријатели на кои ќе им се јавам секогаш кога ќе дојдам во Охрид.
А што се однесува до храната, многу е добра и морам да признам дека веќе ми недостасува.
Соработуваш со Мирослав Рус, и тоа е голема радост за двајцата. Како започна тој музички пат, како работите?
Рус е мојот пријател пред се. Во една прилика ги слушаше моите песни во студио и едноставно се случи „кликнување“, имаме многу сличен поглед на музиката. Мене ме импресионираа неговите песни и текстови.. Сметам дека Рус е еден од најдобрите автори на сите времиња на овие простори. Има безвременски песни.
Од него најмногу научив за музиката и за работата. Го снимивме заедно мојот прв албум „Остани тајна живота мог“ и подготвуваме уште песни кои едвај чекаме да ги слушнете. Рус е посебна личност, добар пријател и човек.
Кои ти се ангажманите во следниот период?
Работиме на новиот албум и на тоа сум најмногу фокусиран. Се радувам на новите песни и средби со публиката. Свирењето во живо ми ги полни батериите и ми дава голем предизвик. Имам многу енергија и младост, сакам да ја искористам таа прилика и да оставам трага зад себе.
Фото: Марино Бркљача
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.