Интернационалниот музички фестивал „Охрид-фест – Охридски трубадури“ по јубилеен 30-ти пат распишува конкурс за нови композиции, што ќе го имаат премиерното издание на 1 и 2 септември, со Фолк и Интернационалната вечер, на најубавата сцена на Балканот, Долни Сарај во Охрид.

Фолк- вечер ќе се случува на 1 септември и освен новосоздадени фолк песни од нашата земја, со свои нови композиции ќе можат да учествуваат и странски автори – од регионот и пошироко. Интернационалната вечер е закажана за 2 септември 2023 година.

Соочени со константен недостиг на млади пејачи и годинава фестивалот дава голема подршка на дебитантите, охрабрувајќи ги да настапат на 30-то издание на „Охрид фест- Охридски трубадури“, и во Фолк и во Интернационалната вечер. Ова е извонредна шанса за промоција на дебитантите, бидејќи Охрид фест го следат повеќе од 15 телевизии од Балканот. На истата сцена, во 1998 година Тоше Проески ја испеа „Усни на усни“ и го започна својот блескав пат. Условите за учество на „Охрид фест – Охридски трубадури 2023“ се: * Да се испрати демо-снимка и текст на македонски јазик; * Наслов на композицијата; * Назнака – за која фестивалска вечер е наменета песната (Фолк, Интернационална); * Композициите да не се изведувани; * Податоци на авторите (име, презиме, авторската улога во тимот), и контакт информации; *Демо-снимките од композициите треба да бидат со пратечки инструменти, пијано и гитара. На конкурсот можат да учествуваат сите домашни и странски автори кои ги исполнуваат условите за учеството а рокот за поднесување на пријавите е 1 јуни 2023 година. Своите композиции авторите треба да ги испратат на следните адреси: ohridfest.info@gmail.com, ohridfest.produkcija@gmail.com и grigorkoprov@yahoo.com Ве очекуваме!, велат организаторите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.