Хумористичната серија „Фрејжер“ се враќа на малите екрани. Во октомври следат нови епизоди од продолжението што ќе бидат објавени на стрим-платформата „Парамаунт плус“ (Paramount Plus). Објавена е и првата фотографија од серијата.
И во претстојните епизоди ликот на д-р Фрејжер го толкува Келси Грамер, а во другите улоги се Николас Линдхрст, Токс Олагундоје, Џек Кетмор-Скот, Џес Салгеиро и многу други. Ова, по 2019 година, е прва улога за Линдхрст, кој е можеби најпознат по улогата на Родни во познатата ТВ-серија „Сплетки“ (Only Fools and Horses).
Инаку, во 2020 година за Линдхрст беше објавено дека можеби никогаш нема да ѝ се врати на глумата по ненадејната смрт на неговиот 19-годишен син Арчи.
Ѕвездата на новата серија – Келси Грамер е и продуцент. Можеби една од најголемите причини поради којашто претходно немаше договор за нови епизоди беше високата цена на снимањето, што ги вклучува и високите хонорари на ѕвездите кои благодарение на популарноста на серијата достигнаа завидни бројки.
„Фрејжер“ се прикажуваше од 1993 – 2004 година како одгранок на серијата oд 80-тите – „Кафулето На здравје“ (Cheers). Хитот од 90-тите важи за една од најпопуларните хумористични серии на сите времиња, којашто со своите 11 сезони и 264 епизоди собра 37 „Еми“ награди, како и над 400 други признанија и номинации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.