Вториот филм од ретроспективата „Великаните на Браќа Манаки“ , „Париз, Тексас“ (1984, ИМДБ 8.1), синоќа беше прикажан во Кинотеката на Македонија.

Публиката во преполната сала имаше можност да ужива во култното дело снимено од холандскиот кинематографер Роби Милер, добитник на Специјалната златна Камера 300 за посебен придонес на светската филмска уметност во 2002 година и Златната Камера 300 за животен опус во 2016 година. Режисер на филмот е постојаниот соработник на Милер, култниот Вим Вендерс.

Многу ми е драго што ве гледам во толкав голем број на оваа прекрасна ревија на филмови наречена „Великаните на Манаки“ што ја работиме во соработка со Кинотеката на Македонија, која е еден од четворицата основоположници на ИФФК „Браќа Манаки“. На овој начин ја проширувме нашата соработка, со оглед на тоа дека голем дел од луѓето кои работат на Фестивалот се вработени во Кинотеката и ова е еден чекор кон продлабочување на соработката и реализација на идејата Фестивалот „Браќа Манаки“ да се случува во текот на целата година. Од следната година се надеваме дека ќе имате можност да ги гледате сите наградени филмови од таа година на Фестивалот, зошто идејата е тој да се проширува, да патува и да можат да го видат сите низ Македонија, рече Симеон Мони Дамевски, директор на Фестивалот „Браќа Манаки“, кој ги поздрави присутните.

Дамевски нагласи дека за прикажувањето на овој филм од селекцијата за ретроспективата „Великаните на Браќа Манаки“ заслужни се Кристијан Ристевски, извршен директор на Фестивалот и Бојан Станишиќ, актуелен  в.д. директор на Кинотека на Македонија.

Вечерва ќе имате можност да го видите „Париз, Тексас“, кој според мое мислење е најголемото достигнување на Вим Вендерс, а кинематографер е Роби Милер, еден од најголемите европски кинематографери и добитник на Специјалната златна Камера 300 за посебен придонес на светската филмска уметност во 2002 година и Златната Камера 300 за животен опус во 2016 година, подвлече Дамевски.

Роби Милер, еден од најголемите светски кинематографери е познат како „мајстор на светлината“ и соработник на режисерите Ларс фон Трир, Џим Џармуш и Вим Вендерс.

Роден е во 1940 во Курасао, Холандски Антили. Во 1954 се преселил од Индонезија во Холандија, каде што студирал од 1962-1964 на Холандската филмска академија, во Амстердам, на одделот за камера и монтажа. По студиите, кратко останува во Холандија, а потоа заминува во Германија, каде што прво работел како асистент со германскиот кинематографер Герхард Ванденберг, а паралелно и како кинематографер на рекламни филмови. Во текот на 1960-те па до крајот, снима како кинематографер серија кратки филмови, за од крајот на 1960-те и во текот на 1970-те да ја започне својата најзначајна, прва етапа на соработка во тандем со водечкиот германски и светски режисер Вим Вендерс.

На „Браќа Манаки“ првпат учествувал во 1996 година, во официјалната програма со филмот „Спроти брановите“ на Фон Трир, за што доби Бронзена камера 300. Во 2000 година, дуото повторно учествуваше со „Танчарка во мракот“, а во 2002 стана лауреат на специјалната награда Златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност, кога беше и претседател на интернационалното жири.

Во неговата кариера има работено на над 80 филмови и 15 ТВ-филмови, како „Алиса во градовите“, „Погрешен потег“, „Крал на патот“, на Вендерс, „В затвор“ на Џармуш, „Да се живее и умре во Л.А“, „Танго лекции“, „Луѓе за 24-часовна журка“, „Американскиот другар“, „Париз, Тексас“ кој доби Златна палма во Кан во 1984.

Од 2010 Милер е врзан за инвалидска количка, а почина во 2018 година. Беше најпознат по неговата пионерска работа со камерата, специфичната употреба на светлината, со посебен акцент на природната светлина и бојата.

Во пресрет на 45-ото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и 50-годишниот јубилеј на Кинотеката на РСМ, во наредните неколку месеци фестивалот, Кинотеката и Центарот за култура Битола организираат ретроспектива на култни филмови чии кинематографери се некои од досегашните лауреати на „Браќа Манаки“.

Трет е британецот Роџер Дикинс со филмот ГОЛЕМИОТ ЛЕБОВСКИ (1998, ИМДБ 8.1), но не хиерархиски, туку по редот на прикажувањето (21 февруари). Дикинс е двоен оскаровец, добитник на Златната Камера 300 за животен опус во 2018 година и еден од најголемите живи кинематографери. Режисери на филмот се постојаните соработници на Дикинс, браќата Џоел и Итан Коен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.