Американскиот комичар и актер Боб Сагет, најпознат како Дени Танер од „Полна куќа“ и водител на „Најсмешните американски видеа“, ненадејно почина на 65-годишна возраст.

Со длабока тага потврдуваме дека нашиот сакан Боб почина денеска. Тој ни беше сè. Сакаме да знаете колку многу ги сакаше своите обожаватели, настапите во живо и зближувањето на различни луѓе преку смеата. Иако замолуваме за приватност во овие тешки моменти, ве покануваме да ни се придружите во сеќавањата на љубовта и смеата кои Боб му ги донесе на светот, се вели во изјавата на неговото семејство за „Си-Ен-Ен“.

Сагет беше пронајден мртов во хотелска соба во „Риц Карлтон“ во Орландо, потврдија од канцеларијата на шерифот од Оранџ Каунти.

Маж идентификуван како Роберт Сагет беше прогласен за мртов на лице место. Детективите не пронајдоа траги на насилство, ниту употреба на дрога, се вели во соопштението.

Телото ќе биде предадено на обдукција, за да се утврдат причините за смртта.

Сагет имаше настап во Флорида како дел од неговата стенд-ап тура низ САД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.