Во објектот Куршумли ан во Старата скопска чаршија во тек се последните подготовки за отворањето на јубилејното 15-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Фестивалот ќе се одржи од 15 до 22 август во традиционалните простори на Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и новиот простор „Лабораториум“ во Скопје.
Филмската програма на отворањето на фестивалот на 15 август, од 20.30 часот, содржи проекција на два документарни филма. Краткиот документарен филм „Како се мери годината?“ (САД, 2022, 29 мин.) на Џеј Розенблат го следи континуитетот во комуникацијата помеѓу татко и ќерка. Режисерот Џеј Розенблат седумнаесет години по ред ја снимал ќерка си Ела на нејзиниот роденден, прашувајќи ја истите прашања. Во само 29 минути гледаме како едно девојче расте од заодуваче во млада жена со сите убави, а понекогаш и непријатни периоди помеѓу, додека врската со татко ѝ се развива со сите свои сложености.
Во рамки на главната фестивалска програма на 15 август ќе биде прикажан долгометражниот документарен филм „Целулоидно подземје“ (Обединето Кралство / Иран, 2023, 80 мин.) на иранскиот автор Ехсан Кошбахт. По завршувањето на Иранската револуција, настојчив филмски колекционер во Техеран станува нетипичен херој кога храбро решава да спаси илјадници филмови од канџите на новиот исламски режим. Иако е извесно дека го чекаат апсење и мачење, тој одлучно ја чува својата скапоцена тајна – приказната за отпорот и опсесијата, видена низ очите на момчето што му го чува грбот. Приказната се отплеткува на филмското платно години подоцна, откако ќе заминат во егзил во Лондон, сликајќи возбудлив портрет на постреволуционерен Иран.
По филмските проекции, во рамки на музичкиот сегмент „Ноќни приказни“ на 15 август во Куршумли ан концерт ќе одржи Зарина Првасевда, вокален изведувач и музичар кој изведува и македонска и светска традиционална музика. Таа се стреми да ја смести традиционалната музика во поинаква, единствена и алтернативна форма, имајќи предвид дека самата музика ја задржува својата автентичност; сето тоа со помош на вокални техники кои кореспондираат со традицијата. Првата вечер на 15. „МакеДокс“ ќе заврши со диџеј-сет на Ишјан твин.
Јубилејното 15-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи со мото „Копање емоции низ времето“. Тематскиот фокус годинава е ставен на кинотечните архиви од повеќе држави. Ќе бидат прикажани филмови од Централниот државен филмски архив на Албанија, Хрватскиот државен архив, Националниот филмски институт на Унгарија, Словенечката кинотека, Архивот на Југословенската кинотека, Црногорската кинотека, Бугарскиот национален филмски архив, Романскиот национален филмски архив и Кинотеката на Македонија. Програмата ќе биде отворена на 16 август, во 21 часот, во Куршумли ан со проекција на филмови од архивата на македонската Кинотека.
– Бројните филмски наслови што годинава ги донесуваме од сите кинотеки на Балканот се доказ дека имаме од што да учиме, ако сакаме. И дека само ако го чуваме сето она што е запишано и меморирано, ќе можеме одново да го читаме и толкуваме и да го користиме во нови приказни. Архивите се тука и за да ни ги доотворат очите, да ни ја доближат и другата страна од приказната, па и третата и да нè соочат со нашите сопствени убедувања. Без архивите тешко дека ќе можеме да разбереме зошто светот е ваков каков што е или, пак, да го преиспитаме нашето место во него како социјални, политички и романтични души – посочува Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.
Во рамки на тематската одредница на фестивалот во сегментот „МакеДокс+“ ќе се одржи Работилница за архивски практики во филмот со наслов „Замислување архиви“. Работилницата ќе се одржи од 15 до 19 август во студиото „Фх3х“ со менторите Кумјана Новакова, режисерка чиешто авторство се базира врз истражување, а работи и како филмска кураторка и предавачка, и Влад Петри, романски филмски режисер со голем интерес за политички и општествени теми.
Работилницата ќе спои четири внимателно избрани режисер(к)и или тимови (режисер(к)и и монтажер(к)и). Во фокус е идентификувањето различни стратегии и можности за визуелно конципирање на архивите, со што се проширува креативниот опсег при снимањето филм. Преку ова интензивно заедничко искуство учесниците ќе имаат можност да се приближат до суштината на секој филмски проект, дискутирајќи за различните потенцијални пристапи за секој филм во кој се користат архивски материјали.
Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.