Филмот „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов ја доби главната награда за најдобар долгометражен игран филм на 13 издание на Меѓународниот филмски фестивал Julien Dubuque (JDIFF), кој се одржа од 24 до 28 април во Дубјук во Ајова.
На фестивалот беа прикажани над 150 филмови од целиот свет, вклучително и 31 долгометражен филм во конкуренција, а филмот „Лена и Владимир“ на фестивалот го промовираа актерот Тони Наумовски и режисерот Игор Алексов.
Она што го издвојува JDIFF од другите фестивали е неговиот силен фокус на заедницата. Филмаџиите се поканети да останат во домовите на локалните жители кои ги отвораат своите врати за нив. Фестивалот нуди и бесплатен превоз до проекциите и знаменитостите во општината, како и бесплатна храна за сите филмаџии. Бидејќи повеќето места се во непосредна близина, учесниците можат лесно да се сретнат и да воспостават нови контакти“, соопштија од ДМФ Филмс.
„Лена и Владимир“ е приказна за двајца бегалци од општеството кои доживеале огромна трагедија, а чии патишта случајно се вкрстуваат . Тие наоѓаат утеха и поврзаност, формирајќи врска што им носи исцелување.
Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм и Филмскиот центар на Србија (Терирем продукција).
Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска и Тони Наумовски, а во филмот се појавуваат и Дениз Абдула, Луран Ахмети, Петар Мирчевски, Петре Арсовски, Благоја Чоревски, Kирил Коруновски.
Сценариото е на Александар Русјаков. Продуценти се Дејан Илиев (ДМФ Филм) и Илија Циривири (МИНД Продукција). Кинематографер е Душан Кардалевски, сценографијата е на Влатко Зафирковски, а монтажер е Мартин Иванов, Музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез, костимограф е Раде Василев, дизајнер на маска е Горан Игњатовски, а кастинг директор е Катерина Грубач.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.