Излезе трејлерот за најновиот филм за галските стрип херои Астерикс и Обеликс со наслов Астерикс и Обеликс: Средното царство, во режија на Французинот Гијом Кане, која воедно е и актерска премиера на легендарниот фудбалер Златан Ибрахимовиќ.

Со вкупен буџет од 60 милиони евра, петтиот филм од познатата серија ќе биде еден од најскапите во француската историја. Напаѓачот на Милан бил избран за амбициозниот генерал Антивирус, кому Цезар му ја доверил задачата да го збрише непобедливото галско село, единствената територија во Галија што тој не ја освоил.

Поранешниот непријател на Галија од селото, офицерот Каиус Бонус (го игра францускиот актер Жан-Пјер Касталди) бил отстранет од должноста, а на негово место пристигнува Гај Антивирус, во римскиот гарнизон во соседството на селото.

Одлучен е, брутален и не бира средства. За него, наредбата на Цезар е закон, а тој ќе се обиде да ја спроведе додека Астерикс и Обеликс се во Кина. Имено, заплетот на петтиот дел од популарната франшиза е сместен на Исток, каде што неразделните пријатели отишле да и помогнат на принцезата во неволја, пишува порталот movieweb.

Улогата на Обеликс претходно ја играше Жерар Депардје, но во ова продолжение го игра францускиот актер Жил Лелуш. Овој пат Цезар го игра филмската ѕвезда Винсент Касел. Во новиот филм повторно се појавува Клеопатра, а улогата на Моника Белучи ја презеде познатата француска актерка Марион Котијар. Лукавиот и смел Астерикс го игра Гијом Кане.

Франшизата често е домаќин на познати личности кои не се професионални актери. Така, во филмот Астерикс и Обеликс: Мисија Клеопатра се појави најдобриот светски фудбалер Зинедин Зидан, додека во 2008 година пилотот на Формула 1 Михаел Шумахер се појави во филмот посветен на Олимписките игри во античка Грција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.