Шведската комедија „Ларс и баронот“, во режија на Џон Торнблад, од денеска игра во повеќе киносали низ републиката. Проекциите почнуваат во Кинотеката од 19 часот и во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар. На 21-ви месецов, пак, „Ларс и баронот“ ќе се прикажува во Центар за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино од каде продолжува и низ другите киносали.

Дејството се случува во Шведска на крајот на 19 век. Ларс Ериксон и неговата сопруга мора да се преселат од градот во пештера која е лоцирана во шума, во сопственост на локален барон. За да ги преживее лошите услови, во сиромаштија, Ларс започнува со ловокрадство. Тоа не му се допаѓа на баронот, па му наредува да престане. Ларс, кој не е тип на човек кој сака да прима наредби, си продолжува по свое и го исмева баронот. Конфликтот меѓу двајцата мажи ескалира сè додека грофицата, која наследила богатство, не ги покани двајцата на нејзината годишна ловџиска забава. Ларс и баронот, поради мудриот надзор на грофицата, ќе мора да бидат љубезни еден со друг барем на еден ден.

Сценариото за филмот го потпишуваат Џон Торнблад и Рикард Шмит. Улогите ги толкуваат Никлас Фалк, Илва Лоф, Ленарт Хјулстрем и други.

Дистрибутер на филмот е Катавеј, а дистрибуцијата на филмот е овозможена од потпрограмата МЕДИА Креативна Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.