Британско-ирскиот комичар Џими Кар вчеравечер ја забавуваше публиката во Македонската филхармонија. Со два распродадени настапи, еден по друг, тој се покажа пред публиката во токму онакво светло како што се очекуваше – остар, провокативен, промислен и неверојатно забавен.

Тој е на Европска турнеја, претставувајќи го својот последен материјал на шеги и досетки. Познат по морбиден хумор и сатирични вицови, тој не ја разочара македонската публика. Во двочасовното шоу се претстави со актуелни теми од светската политика, домашни настани од лондонското секојдневие и фамилијарниот живот. Ја „чепна“ и Македонија и тукашното живеење покажувајќи дека си ја сработил домашната работа и направил истражување за интересите и културата на нашиот народ. Достоинствено ги прифати шегите дофрлени од македонската публика и знаеше да врати појако.

Секоја чест за организоторите на овој настан „Авалон“, што ѝ овозможија на македонската публика да види еден познат и актуелен комичар од светски калибар.

Џими Кар е меѓу најголемите британски телевизиски ѕвезди присутен на британските екрани во панел-шоуа што ги води. На македонскта публика ѝ е познат од неколкуте „Нетфликс“ изданија, а многу негови комични скечеви може да се најдат и на „Јутјуб“.

Двата настапи на Џими Кар во Скопје беа со месеци распродадени (уште пред летото), што е мошне невообичаено. (К.М.)



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.