Атанас Кирјаковски
Идентитет е збор кој често се изговара во етерот после трауматската и насилна промена на државното име. Кај многумина Македонци постои загриженост дека тој – спротивно од волјата на мнозинството – се менува. Истовремено, Заевите потомци сѐ уште се чукају и ударају у грудима нивнима дека наводно го „штитат“ – апсурдно тврдење по преименувањето и редефинирањето на основните постулати на државава (меѓу другото и бришењето на одлуките на АСНОМ од Уставот по диктатот на Грција). Лично сметам дека ефектот од срамната промена на државното име не е менување, туку губење, распаѓање и создавање на идентитетски вакуум кај Македонците. Таквата состојба е похатотична и пострашна дури и од некаква си „идентитетска замена“.
Околу идентитетот, најгласни се оние коишто најмалку го разбираат и на кои најмалку им е гајле. Таквата комплексна и донекаде апстрактна човекова димензија, како што е идентитетот, бара подлабока анализа и разбирање. Верувам ако било кој од оние виновни за егзибицијата наречена „Северна“ ги запрашате што е тоа идентитет и како го „зачувале“ – нема да знаат да ви одговорат. Да би знаеле што е тоа, не би си играле со таквата скапа играчка која на крајот ја расипаа. Ако започнеме да го анализираме феноменот тргнувајќи од личниот, па потоа подоцна преминувајќи кон колективниот идентитет, веднаш се создава впечаток дека тој е исклучително важен предуслов за здраво психолошко постоење на една индивидуа и еден колектив. Во однос на личноста, важноста на поседувањето здрав идентитет можеби најјасно се отсликува во прирачникот за класификацијата на менталните нарушувања кој го публикува Американската психијатриски асоцијација, каде постои посебна класа на нарушувања кои суштински се поврзани со загубата на идентитетот или пак со разни синдроми на поделба, замена или некаква дисфункција на истиот (заеднички именувани како „дисоцијативни нарушувања“). Прирачникот ваквите нарушувања ги поврзува со тешки трауматски искуства, посебно оние кои се јавиле во раното детство (злоставувања, малтретирања, изживувања, итн.), загрозувајќи го чувството на личниот континуитет и постоењето. Таквите трауми често водат и кон обезличување, а неретко и своевидна амнезија за тоа кој всушност си. Лесно може да се изведе и заклучокот дека, mutatis mutandis – идентитетот е исклучително важен и за целата група, заедница, општество, нација – и сите останати колективни нивоа.
Идентитетот е предмет на повеќедецениско проучување и од страна на современата социјална и когнитивна психологија. Некои од главните теми на интерес се околу тоа како идентитетот се развива и гради, како се дефинира во социјалниот контест и кои се неговите механизми на функционирање. Многумина го истакнуваат својството на идентитетот да даде значење во светот, смисла и цел на индивидуалецот и групата, им овозможува да си ја организираат перцепцијата во корисни социјални категории преку кои ги идентификуваат и разбираат другите луѓе и настани. Идентитетот ни овозможува чувство на припадност и вредност во дадена група со која се поистоветуваме. Тој истовремено нуди комфорт на истост со некои, но и уникатност во различноста од другите. Една од неговите главни функции е да даде чувство на континуитет. Дека не почнуваш од нула. Чувство за тоа дека зад себе имаш лична и заедничка историја, искуство, јасно биографија, дека имаш претци со чиј идентитет се идентификуваш, на чии дела се гордееш чувствувајќи се како наследник на истите. Со тоа стекнуваш и право на почит и признавање од оние со различен идентитет од твојот. Сево ова значи дека идентитетот на човекот истовремено е длабоко сопствен, личен, индивидуален, но и групен, меѓучовечки, колективен.
Иако цело време пишувам во еднина, сепак психологијата ни демонстрира дека имаме повеќе идентити истовремено, во зависност од моменталната улога и ситуацијата во која се наоѓаме. Некои од нив се погенерални и посеопфатни (на пр. категориите како „Македонец“, „жена“, „човек“, .итн.), а некои поспецифични (на пр. „навивач за Вардар“). Некои се поважни за нас, а некои помалку важни. На некој начин, нашиот унифициран идентитет може да се замисли како онаа руска кукличка „Матрјошка“ која во себе содржи неколку помали Матрјошкички кои како ги отвораме, секоја е се помалечка и помалечка. Оние идентитетски супракатегории како на пример, родот, националноста, религиозноста, .итн, обично се доминантни идентитетски обележја уште од рана возраст и служат истовремено како филтер низ кој го разбираме и категоризираме светот.
Идентитетските варијации, посебно оние кои се базирана на вредносниот систем на групата во која припаѓаме – се менлива категорија. Да ги земеме на пример, идентитетите коишто произлегуваат од партиската припадност. Зарем тие не се менливи? Зарем во партиите нема фракционерство? Нема поделби? Нема ли нови партии кои произлегуваат од старите? Нема ли ликови кои менуваат партии не само институционално, туку и идеолошки? Небулозно е тврдењето дека ништо и никој не може да го промени идентитетот: силниот општествен притисок од позиција на власт, комбиниран со пасив-агресивна употреба на навредливиот назив „северномакедонци“ од страна на нашите меѓународни „пријатели“, долгорочно ефектуиран, ќе откине дел од македонското ткиво и ќе создаде трета идентитетска „северномакедонска“ категорија во Република Македонија. Таквите обиди се намерно и свесно создавање на национална шизма која долгорочно создава и општествена нестабилност. Мојот и твојот живот, нема да станат подобри ако дополнително на меѓуетничката шизма во моментов, која од година на година се продлабочува и тоа забрзано после промената на името на државава, се направи и дополнителна внатремакедонска шизма која неминовно ќе доведе до уште поголеми проблеми во иднина.
Моменталната состојба во која Македонците се наоѓаат како најзасегнати од промената на државното име е критична. Со таквиот акт и континуираниот притисок од сите страни се рушат дел по дел македонските идентитетски обележја. Нападната е централната идентитеска супракатегорија на Македонците околу која се идентификуваат внатрегенерациски и меѓугенерациски, категорија која дава континуитет на постоењето и своевидна уникатност во светот. Ако не го спречиме овој процес, тогаш Македонците нема да останат само без својата држава, туку и без својот идентитет.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.