Едното ниско, другото високо!

Промената на личните документи, пасошите, возачките и сообраќајните дозволи, регистерските таблички, личните карти! Нивното усогласувањето со обврските кои што ни ги наметнува Преспанскиот договор!

Ова можеби и не е некоја тема која што е во фокусот на нашето внимание. Не е тема, ниту пак во моментов сме преокупирани со неа, без разлика што токму летото е периодот кога почесто ги користиме патните исправи. Не е тема, особено ако ги земеме во предвид нашиот менталитет и навиките нештата и активностите да ги планираме за не подалеку од три до седум дена. Така си функционираме.

Ова е тема која што ја отворија македонските медиуми пред некој ден, во некој меѓупростор и пауза помеѓу „важните“ темите кои што секојдневно не окупираат и замајуваат. Меѓу два коруптивни скандала на владините функционери, меѓу две владини седници на кои министрите меѓусебно се лажат и си подметнуваат, меѓу две епизоди со уставните измени. Како и да е, било ова да е интересна тема за периодов или не, таа неминовно ќе стане исклучително жешка, пожешка и од овие летни горештини со кулминација кон средина на претстојната зима.

Во МВР одредиле краен датум до кој ќе важат постоечките документи, а кои во себе го содржат името Република Македонија и дериватите кои што произлегуваат од него. После овој датум сите лични документи кои во себе нема да го соддржат префиксот „северна“, стануваат невалидни.
Се поставува прашањето, како во МВР го одредиле крајниот датум? Кога ја информираа јавноста за тоа? Кога имаше соопштение за тоа, онака официјално, по службена линија?! Не успеав да најдам ниту соопштение од МВР, прес конференција на нивниот портпарол, ниту пак некаква изјава на министерот за внатрешни работи. Да не се случеше новинарското истражување на некој од новинарите кои држат до својата професионалност, кои го расчепкаа ова прашање и директно побарале информации од МВР, веројатно ова прашање навистина и немаше да биде тема, во буквална смисла на зборот. Едноставно ќе се соочевме со реалноста кон крајот на оваа и почетокот на следната година, и тогаш ќе си кукавме и плачевме како за се нешто во Македонија.

За волја на вистината, Спасовски имаше некакво гостување во неделата на вестите на една од телевизиите на албански јазик. Но таму, освен маркетинг во функција на лична промоција, не слушнавме ништо за оваа тема која се однесува на нас, граѓаните. А токму тој, Спасовски, е најповикан да нè информира и да ги појасни сите детали во врска со ова прашање. Тој е еден од ретките министри кој е сраснат со министерската фотеља уште од времето на потпишувањето на Преспанскиот договор. Тој е современик, врсник со овој договор како министер во владата и тој треба да не поучи што треба да правиме.

Токму Спасовски е најповикан да одговори на неколку прашања кои се наметнуваат во контекст на ова прашање.

На пример:

Како планира технички да ја изведе целата операција за толку кратко време ако се има во предвид дека бројката на обрасци (лични карти, возачки и сообраќајни дозволи, пасоши, регистарски таблички, итн.) ќе биде изразена во милионски износ?

Како планира да го организира сопствениот ресор за навремена замена на личните документи, особено ако тоа се случува во последен момент, што не е никакво законско прекршување на секој што ќе реши тоа да го стори токму на таков начин?

Како планира да ги превенира гужвите, турканиците и неможноста да се дојде до термин за промена на личните документи?

Кој ќе го плати трошокот за промена на документите чии што рок на важност не истекува во февруари 2024 година?

Ако ги земеме во предвид цените на пасошите и останатите лични документи, нивниот кумулативен износ за едно македонско семејство со двајца студенти ќе претставува фрлање во ветер на дваесеттина илјади денари. „И тоа не е сè“! Информациите говорат дека МВР ја зголемило цената на сопствените услуги за издавање на нови пасоши?!

Министре Спасовски, место да се фалиш дека имаш „два проценти“ повисок рејтинг од „трите проценти“ на Маричиќ, те молам кажи кој ќе го плати трошокот за новите документи?! Верувај дека граѓаните ќе бидат многу посреќни доколку цената за промената на личните документи е онолку ниска колку висината на твојот личен рејтинг и рејтингот на владините министри!
Кој ќе ја плати казната доколку во февруари 2024 година некој граѓанин биде запрен од полицијата со возачка дозвола со името на Република Македонија, само заради доцнење и пребукираност издна системот за издавање на личните документи?

Како ќе функционираат банките во тој период? Ќе може ли да се изврши трансакција во деновите после 13ти февруари со старите лични карти? Ќе биде ли можно тоа доколку граѓанинот сè уште не добил нова лична карта, но не по сопствена вина, сопствено задоцнување или било каков законски прекршок? Дали граѓанинот во тој период ќе биде оставен надвор од системот и ќе акумулира долгови после што на врат ќе му се натоварат извршителите… и така во спирала?
Како ќе се усогласат сите оние тековни документи кои што се добиваат и дебело плаќаат при регистрација на возилата со новите сообраќајни дозволи и новите регистарски таблички? На пример, полисата за осигурување на возилата, особено зелениот картон, во својот видлив дел во кој се чита на кое возило се однесува документот, се поврзани со бројот на регистарските таблички на возилото. Како ќе биде регулирано ова? Како ќе се регулираат и усогласат овие меѓусебно поврзани документи? Ќе има ли проблеми и непријатности или сепак се има некаков план?

Што ќе се случува со оние наши граѓани кои подолг период престојуваат, работат или живеат во странство? Дали после 13ти февруари ќе ги казнувате при влез во државата доколку поседуваат пасош со името на Република Македонија?

Тоа треба да ни одговори Спасовски! За тоа треба да зборува на неговите гостувања по телевизиите, а не да ни зборува за тоа дека имал „еден процет“ повисок рејтинг од „четирите проценти“ на Ковачевски! За овие прашања треба да го активира сопствениот ресор да поведат сериозна информативна кампања која ќе ги насочи граѓаните подготвени да ги дочекаат предизвиците кои што следат.

Инаку ако зборуваме отворено, прашањето поврзано со промената на личните документи и не е некоја новост ниту пак изненадување, особено ако го земеме во предвид Преспанскиот договор и обврските кои што произлегуваат од него. Секој што го прочитал овој договор знае дека со ставањето потпис на договорот државата си зеде обврска за промена на многу нешта, вклучително и личните документи. Но, секако не е за очекување дека секој граѓанин поединечно треба да мисли на тоа дека државата превзела обврска која му ја натоварила, па уште и му дала термин до кога треба да си го стави јаремот на сопствениот врат. Да не треба аларм да си наместиме на мобилниот за да не потсети на терминот?

Тука е проблемот!

Обврската ја зеде државата, ја зеде владата во името на сите нас заедно, но цената ќе си ја плати секој од нас, посебно, од џеб!

Треба ли така да остане?

Треба ли да нема официјална информација од МВР, да нема изјава од министерот, да нема информативна кампања и да нема подготовка на системот за оваа операција? Треба ли граѓаните самите да го сносат трошокот за промена на нивните важечки лични документи?

Секако дека не!

Спасовски под итно треба да излезе на прес и лично да се соочи со нас за тема која што не е популарна и која што ја загрозува неговата лизни-мазни политика и пракса на зборување само за теми кои ги цени како позитивни за неговиот личен политички рејтинг. МВР треба под итно да започне со технички подготовки за промената на личните документи. Владата, МВР, Ковачевски или Спасовски, сеедно, треба да лансираат информативна кампања преку која ќе не информираат за секој детал кој ќе предизвика последици од ваквата промена.

А, Министерот за финансии? Министерот за финансии да си подготви ребаланс на Буџетот за оваа година и предвиди пари во Буџетот за наредната, со кои ќе ја платат сметката за промената на важечките лични документи!

Тие ја зедоа обврската, тие нека ја платат, макар и преку буџетот… но, повторно од нашиот џеб!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.