Васко Шутаров
Древниот стремеж за летање
Долгиве јануарски ноќи се така податливи за будење на потребата од топлина и светлина, за будење на поривот за тивко разгорување на кандилцето во себе и поривот покрај домашното огниште да се соберат и гушнат најблиските околу себе!
Овие долги јануарски празнични ноќи се и така податливи, интимно секој во себе да ја разгори и светлината и топлината и преку исконскиот стремеж за летање кон ѕвездената шир, во мислите и со чувствата – и таму да ги препознава, токму во најдолгите и најстудени зимски ноќи!
Исконски е стремежот на човекот да лета, да ја освојува слободата на небото, исто како што е исконски и поривот да се нурнува длабоко во себе кон своите тајни скривници на светлина и топлина!
Во контекстот на исконскиот стремеж кон небото, доволно е да се присетиме на митот за Икар и фасцинантната приказна за освојувањето на слободата преку летањето, раскажана од Овидиј во неговите „Метаморфози“.
Икар бил син на Дедал, највештиот неимар и пронаоѓач на своето време, кој по налог на критскиот крал Минос изградил лавиринт во кој бил затворен несаканиот плод на неверството на кралската сопруга, чудовишниот човек со глава на бик, наречен Минотаур!
Дедал, кој не смеел никому да ги открие тајните на лавиринтот, сепак ја советувал Аријадна, како со заврзан конец на влезната врата да го изнесе надвор храбриот Тезеј, кој успеал да го убие чудовиштето. Казната од разлутениот крал стасала веднаш!
Дедал и неговиот син Икар биле затворени во една од кулите на лавиринтот, од каде можеле да го гледаат само небото и птиците кои често доаѓале да ги истресат и измитарат пердувите на нивната кула.
Цела една година му требала на вештиот Дедал да присобере доволно пердуви, внимателно да ги залепи со восок и со жица и од нив да направи два пара совршени птичји крилја, едниот за себе, другиот за синот – за да се вивнат кон небото како птици и да се ослободат од кулата над лавиринтот!
Дедал внимателно ги зацврстил крилјата на рамената на својот син и патем му кажал:
„Држи се до мене дури летаме и што и да правиш, не му се приближувај премногу на морето, бидејќи морската пена ќе ти ги навлажни пердувите, но не му се приближувај преблизу ни на Сонцето, за да не се растопи восокот и да не ги изгубиш крилјата“!
И така летнале, заедно, таткото и синот кон небеската шир! Но, кога Икар ја осетил сласта на сопствената моќ да се вивне повисоко и оттаму да се насладува на убавината на призорот под себе, за миг сосем заборавил на татковите совети! Восокот почнал да се топи, пердувите да отпаѓаат, а крилјата да се кршат. Со скршените крилја и синот паднал од небеската во морската шир!
Во митот за Икар и Дедал длабоко е всаден вечниот стремеж на човекот да лета и да освојува слободи, но со длабоко испреплетениот страв од летање, од паѓање и од губење на слободите. Од Икар и Дедал наваму, и покрај тоа што човекот осознава дека не е создаден да биде птица, најкреативните умови на човештвото биле впрегнати да го обдарат човекот, но пред сè, мажот (како таткото и синот во најпознатиот мит) со моќта да лета и да освојува слободи!
(Браќата Рајт, дури на почетокот на 20 век, со машина потешка од воздухот и со лет кој траел неполни дванаесет секунди, го остваруваат сонот на таткото и синот од древниот мит и стремежот на човекот од праискона, да се ослободува од наметнатите ограничувања и да освојува нови слободи)
Модерниот култ за стравот од летање
А за жените и летањето, освојувањето на слободите, знаеме ли нешто? До пред половина век, ако останевме само во рамките на стандардните митови, легенди и фикции, на мажите и понатаму ќе им припишувавме натприродни својства и ќе им надградувавме крилја (како на Икар и Дедал, како на Супермен и на Бетмен) за да се борат против сите ограничувања и неправди во човечкиот род, а на жените ќе им наменувавме само по некоја метла – и по правило, секогаш подготвена клада, за да изгорат и жената и метлата заедно?!
За да биде иронијата потполна и совршена, стравот од летањето планетарно препознатлив и достапен до сите, ни го откри во форма на лесно читлива книга, не маж, туку жена!
„Стравот од летање“, култната книга на американската писателка Ерика Jонг, полета низ светот, пред точно половина век, носена на крилјата на тогашниот втор голем феминистички бран, преку кој се отворија сите дотогаш потиснувани женски права и слободи, поврзани како со сексуалноста и со репродуктивните права, така и со правата на заштита на злоставуваните и силуваните жени, правото на развод и на старателството на децата.
Книгата „Страв од летање“, со илустрирана корица на која е прикажан полуотворен патент од кого излегува излупена банана (како алузија на женското право на zippless fuck – „секс без патент“ или секс само заради секс), доживеа милионски тиражи и стана светски бестселер!
Темите за правата и слободите на жената да лета и самостојно да ги совладува сопствените стравови од летањето, преку себеослободување и себеостварување како личност, станаа едни од најжешките теми кои долго високо котираа на дневниот ред на дебати во западниот свет.
„Сакав да го отворам женскиот мозок и да покажам сè што има внатре“, ќе каже неодамна Ерика Јонг за оваа култна американска книга, во пресрет на 50-годишнината од нејзиното прво издание.
„Бигамија е кога имате еден маж отповеќе! Моногамија е истото тоа!“
Така го почнува романот Ерика Јонг и го сместува својот главен лик Исадора Винг во авион на „Пан Ам“ за Виена, полн со 117 психоаналитичари, „од кои, кај шест одев на терапија, а со седмиот се омажив!“ Токму седмиот, нејзиниот актуелен сопруг го третира и нејзиниот непремостив страв од летање!
„Си честитам на секое успешно полетување, но не премногу ентузијастички, бидејќи дел од мојата лична религија е верувањето дека во моментот кога претерано ќе поверувате во безбедноста на летот и ќе се опуштите, авионот неизбежно ќе падне! Постојаната будност – тоа е моето мото!“, ќе напише Ерика Јонг, водејќи ја главната хероина во романот, непогрешливо, самоуверено и неоптоварено во „секс без патент“ со секој маж што ќе ù се допадне, по нејзиниот пат за совладување на стравот од летање.
(„Њујорк тајмс“, кој несомнено многу придонесе во градењето на култот на „Стравот од летање“ и кој од Ерика Јонг создаде своевидна книжевна поп-икона, во пресрет на објавувањето на нејзината последна книга „Страв од умирање“ објави интервју со нејзината родена сестра Сузана, која разоткрива дека испирацијата за ликот на Исадора Винг, писателката ја нашла во интимно споделените сексуални авантури на својата сестра! „Секое семејство има по еден свој лудак“, вака кратко ќе го коментира интервјуто Ерика Јонг, демантирајќи ја својата сестра!)
Ако митот за првиот лет на Дедал и Икар претставува алегорија за вечниот природен стремеж на секој млад човек да полета во животот и да освојува нови слободи, надминувајќи го преку младешката моќ својот родител, ако браќата Рајт го претвораат тој древен сон во реалност и со тоа создаваат модерна историја на летањето, ако сестрите Јонг преку култот од стравот од летање создаваат платформа од која и денес жените ќе се вивнуваат во височините на своите слободи и спокојно ќе слетуваат онаму каде што најмногу си припаѓаат себеси, постои ли на овој свет, братија или дружина, која може да го наруши овој долготрајно граден и цивилизациски стандардизиран редослед од митови, истории и култови, поврзани со летањето?!
Кошкање во партиската контрола на стравот од летање
Покрај споменативе митови, култови и реални историски факти поврзани со летањето, секако дека постои уште еден, длабоко сокриен и древен човеков страв! Тоа е стравот од забрането или откраднато небо!
Што може да сонува човек кому му е одземено правото на сопствено небо? Што би му значеле на човекот со изгубено или забрането небо, митовите, култовите или историјата на летањето, без оглед на тоа, дали кога велиме човек, мислиме на маж или жена, на татко или син, на браќа или на сестри! Под изгубеното небо, сите сме еднакви во изгубените права и слободи- и за себепрепозвање и за себеоткривање и за себереализирање!
………………………………………………………………
Македонското јануарско небо, барем над поголемиот дел од територијата на земјата е оловно и отровно – и таму каде што е такво, тоа само условно можеме да го наречеме, небо! Со таквото небо, не само што се губат значењата на вечните и универзални митови за неодвоивоста на летањето и слободите на човекот, туку се компромитираат и сите цивилизациски придобивки поврзани со основните права и слободи на човекот, како и со правилата и принципите на слободата на летање во современиот свет.
Дека е мал чекорот од системски загаденото и комплетно компромитирано македонско небо до неговото организирано киднапирање, ни покажаа токму во празничните јануарски ноќи партиските дружини од власта, посебно онаа помалата и поорганизираната! „Кошкањето во контролната кула за летање“ на македонското небо, беше само кратка показна вежба во која случајно ѕирнавме во компромитирачката мрежа преку која се загадува, оградува и губи едно небо! Македонското небо!
(…тоа беше кратка показна вежба, за да видиме колку сме длабоко закопани и затворени во своите ровови-лавиринти од неправди и неслободи, на половина пат помеѓу ревот од чудовишниот створ со кој сме осудени да живееме, од една страна и аздисот од замајување, како zippless fuck во здрав мозок, од друга страна! Без подаден конец кој ќе нè извлече надвор од лавиринтот! И така далеку од кулата за полетување, контрола на летање, спокојно слетување и освојување на слободите што ни припаѓаат… )
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.