Ристо Никовски
Велат дека дипломатијата и проституцијата се најстарите занаети. Дали друштвото е пријатно или не, и не е битно. Македонија нема дипломатска традиција бидејќи е релативно кусо независна држава, и речиси ништо не е направено за таа да се гради. Напротив. Имам и лично искуство кога, без никакви приемни проверки или испити, од една етничка партија, во МНР беа донесени 20-тина „дипломати“. Место со строга селекција, службата се полнеше со партиски војници и преку слични пракси на непотизам. Затоа, искусна и професионална дипломатија – сè уште немаме.
Од друга страна, не потценувајќи ги домашните премрежија, главните проблеми на независната држава се токму од дипломатски карактер. Маки се мачеа за признавање на државата; не нѐ примаа во ООН, инаку чиста техника којашто не важеше за Македонија; нелегално ни го суспендираа името и ни наметнаа референца; тешко одеше воспоставувањето на дипломатски односи, а „главните“ нѐ третираа како безимена држава; не нѐ примаа во меѓународните организации, а НАТО и ЕУ ни поставија уцена и ултиматум – членство само прекрстени, без национален идентитет; иако се обезличивме, случајот со ЕУ сè уште трае; долго ни ја блокираа јужната граница; доживеавме агресија од Косово…
Имавме и други нелегални и ненормални предизвици а и денес сме под блокада и уцена за промена на Уставот. И тоа е случај без преседан. Треба да внесеме Бугари, коишто може да се избројат на прсти! Такви се, меѓутоа, интересите на „важните“, чија цел е – бришење на македонизмот.
Нашата дипломатска служба очигледно не е дорасната за предизвиците со коишто се соочува, а иднината и добробитот на државата и на народот, во голема мерка зависат токму од нејзините резултати. Затоа, мора да се ангажираат врвни странски дипломати. Тие можат да бидат и пензионери, коишто ем помалку ќе не чинат, ем ќе носат поголемо искуство. Без нив, Македонија тешко ќе успее. Предизвиците се огромни, од секој аспект, се работи за нашиот опстанок, а голем маневарски простор – немаме.
Новата власт, постојано реафирмира дека е спремна да се бори за интересите на државата и народот, што е одлична основа за достигнување, ама и за враќање на нашите универзални права. Претходните копуци направија тешки и непростливи историски грешки и наша должност е да исправаме се’ што е можно и достижно. Со дипломатијата, каква што е, немаме реални шанси да се избориме за тоа.
Добар е предлогот Бугарите да влезат во Уставот заедно со бугарската ратификацијата на нашето членство во ЕУ. Добро е што се посочи и рецептот од Нивици. И на Брисел, и на Софија, им се стави до знаење дека диктати не прифаќаме. Тоа беа сериозни шокови за нив.
Сепак, тоа се изолирани потези коишто претставуваат само делумен и привремен исчекор. Почетни резултати се постигнати, ама тука завршува нивната валидност. Формулата од Нивици, на пример, не е соодветна за Софија. Нашиот прием во НАТО беше апсолутен интерес на Вашингтон, којшто го подготви и самиот договор и ја присили Атина да го ратификува заедно со нашето членство. САД го затвораа нашиот простор за Русија, подготвувајки ја војната во Украина.
Сега, мора да се дефинира краткорочна и подолгорочна стратегија за излез од тесниот ќор-сокак во којшто сме донесени, за што се неопходни странските експерти. На нив не смее да се штеди. Само така е можен дефинитивен успех. Клучно е што грешките мораме сами да ги исправаме бидејќи одлучувачки придонесовме за галиматијасот во којшто сме.
Ние, ем немаме ментори за нашето членство во Унијата, ем веројатно постои страв дека кога/ако станеме членка, нема да има сила којашто ќе не спречи, доколку ја имаме самите ние, да покренеме постапка за откажување, или за ревидирање на договорите со Грција и Бугарија. Така, ќе се врати историското име, со бришење и на сите други предавнички отстапки.
Од таа гледна точка, логично е Грција и Бугарија, предводени од нивните силни светски ментори, со кои им се поклопуваат интересите за Македонија, никогаш да не рескираат со наше членство. Тие можат вечно да ги блокираат нашите преговори. Впрочем, нема теоретски шанси Софија да го ратификува нашето членство во ЕУ, доколку не се откажеме од самите себе, јазикот, историјата…
Сега, наш клучен проблем е предложената преговарачка рамка. Со неа, таква каква што е, Македонија нема никогаш да стане членка. Истата задача ја има и ултиматумот за промена на Уставот. Целта е бугарскиот „Тројански коњ“ од внатре да го брише македонизмот. Кај нас, тие работи не се разбираат доволно. Затоа ни се потребни странците. На времето, така успеавме и со пресудата против Грција.
Ако рамката не се промени, сè друго е беспредметно. Дури уставната промена да се прифати и без одлагање. Преку рамката, македонизмот ќе го бриши Брисел, а не Софија. Се е во неа и ќе се активира по автоматизам. Тоа е бугарски триумф. А нема, и не се можни никакви гаранции дека преговорите ќе течат без нови блокади. Таква опција не постои.
Брисел и Софија се свесни дека Македонија води нова политика и веќе не е спремна постојано да го витка ‘рбетот и да голта кнедли. Тоа е удар за нив. Не можат да ја игнорираат новата ситуација и мораат да бараат компромиси. Така е во политиката, и нагласено во дипломатијата.
Воопшто не случајно, Фон дер Лајен во Скопје рече – „уставните измени треба да се разработат“. Така е кога ќе тропнеш на маса, ама многу надеж не треба да имаме. Ќе ни предложат некаква козметика со кои нашата капитулација, започната од претходните бедници – нема да биде доведена во прашање. За да ги гарантираме нашите интереси, ние мора што побргу да излеземе со радикално решение.
Практично, ние немаме друга опција. Според сите индикатори, тоа ќе биде неизбежно. Од ќор-сокакот ќе излеземе само со откажување на вториот катастрофален протокол, потпишан од Бујар Османи, на 17 јули 2022 година. Логично е самите да ги исправаме сопствените грешки. При градење на куќа, ако сте изградиле крив ѕид, кој треба да го исправи? Брисел и Софија, или самите?
Со таков потег, во вода паѓаат и преговарачката рамка, која премногу се базира на вториот протокол, и на новите коишто треба да се потпишуваат, како и на ултиматумот за промена на Уставот. Со тој чин, Македонија ќе започне нормален пат кон Брисел, којшто уште долго нема да се проширува и ние имаме време за исправање на грешките.
Реакциите од надвор, ама и од внатре, неизбежно ќе бидат жестоки. Затоа, пред таквиот чекор, во разговори со ЕУ, Вашингтон и другите главни центри, треба да се објасни дека од наша страна се направени стратегиски и фундаментални грешки; дека е доведен во прашање националниот идентитет на народот и неговиот јазик, и за тоа нема и не може да има компромиси; дека тоа е недопирливо.
Треба да се направат обиди овие наши грешки да се исправат и преку претходен договор со Софија и Брисел. Иако тие одлучно го одбиваат тоа, ние мора непоколебливо да им ставиме до знаење дека без такви исправки, за нас нема прифатливо решение. Дека промени мора да има.
Софија нема никогаш да се откаже од негаторските политики кон нас. Без оглед кој е на власт, тие нема да прифатат Македонци во Унијата, без да се сложиме дека сме „Бугари по род“. Тоа е нивна трајна политика а ова им е последна шанса да го постигнат тоа. Сите нивни политички фактори се на иста линија, и огромно мнозинство од народот. А, со избришани Македонци, како зомби народ, и ние не сме заинтересирани за членство!
Мора тргнеме во широка офанзива против Бугарија, бидејќи сме веќе долго под нивна агресија. Мора постојано да се вергла дека Софија води средновековна фашистичка и шовинистичка политика и не прифаќа дека постоиме како народ… Мора да се објаснува дека со уцените за промена на Уставот, иако според пописот ги има само 3.504, тие играат на картата на нелегално и на корумпиран начин издадените 120 илјади пасоши на наши граѓани. Софија намерава да ги прогласи сите нив за Бугари, иако пасошите се земани од чисто економски причини, заради работа во земјите на ЕУ. Софија го прави тоа за да докаже дека сите сме – Бугари! На таа основа, ќе бараат незамисливи права за нив. Ова може да изгледа како средновековна бајка, ама е вистинска небулоза.
А ние, пак, ако ги ставиме Бугарите во Уставот, тоа ќе значи дека се согласуваме со Софија дека ги има речиси пола милион, заедно со членовите на семејствата на тие што зеле пасоши. Самите ќе ги игнорираме бројките од пописот, и излезноста од неколку стотини, на нивните избори кај нас. Тоа би била катастрофа, што друго?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.