Петар Поп Арсов

Што ново да се каже во овој момент, а да не биде повторување на се што беше претходно кажано за случувањата на Онкологија?! Што умно да се каже и дополни во ова цунами на реакции за да некако се придонесе кон правилно канализирање на енергијата на „имунолошкиот систем“ на македонското општесто кој конечно почна да реагира?! Да реагира на канцерот од корупција и криминал чиишто метастази се навлезени во секоја клетка на општествениот организам. Што е тоа што треба да се стори за да се помогне во спречувањето на уште една епизода во серијата монструозни скандали кои поминуваат без никаква или пак само со формална истрага, водена во погрешна насока без вистинска разрешница и утврдена одговорност? Скандали во кои бројни македонски граѓани ги загубија сопствените животи, свесно фрлени во немилост на неисправните автобуси, модуларните болници и лажната и несоодветна терапија давана од рацете на криминалците во бели мантили. Криминалци кои нанесоа огромен срам за огромното мнозинство чесни доктори и останатите медицински лица.

Нешто мора да се каже!

Во овие моменти не смее да се молчи и да се чека нешто друго да го сврти нашето внимание кон некоја тема со тривијална содржина и која ќе го стави случајов во заборав.

Како да зборуваме? Дали да зборуваме емотивно или рационално? Дали да жалиме и сочувствуваме со жртвите на „лекувањето“ или пак силно да се мобилизираме во нашето рационално делување со цел да влијаеме и притискаме овој случај да се истера до крај. До крај, за повеќе да не се повтори. До крај, за да се откријат виновниците и да се утврди одговорноста.
Постојано слушаме и читаме емотивни изјави на граѓани кои згрозени од она што се случува не бираат зборови за да го искажат својот револт. Ќе се обидам емоциите да ги ставам на страна без оглед на тоа што спаѓам во групата на Македонци кои го доживеале болното чувство на борба против опаката болест на член на поблиското или поширокото семејство. Болест која што се лекува на Онкологија, на начинот на кој што се лекува!

Значи, ќе бидам рационален!

Во моментов нешто најрационално што ми доаѓа на ум е дека одговорност мора да има! Независно од тоа дали директорите на онкологија, министерот за здравство, министерот за внатрешни или премиерот се или не се директно инволвирани во сторениот криминал, тие се одговорни што некому дозволиле да се случува такво нешто. Тие се одговорни што во нивно време, пред нивниот нос, некој буквално убивал луѓе. Тие се одговорни за овој скандал поради нивната немарност, неажурност, неспособност или пак можеби поради нивната свесна инволвираност во случајот. Морална и политичка одговорност мора да има веднаш! Оставка од функциите, веднаш, а дали некој е вмешан во криминалот или не, тоа ќе го утврди истрагата и евентуалниот судски процес… доколку не го заташкаат случајот.

Утврдувањето на кривичната одговорност е вториот рационален чекор што мора да го издејствуваме, без или со протести. Отсуството на реакција во толку долг период колку што министерува Спасовски во МВР е сериозен показател дека тој човек не си ја врши работата за која што прима плата. Министерувањето во МВР не е само чекање во заседа на „брзите или пивнати“ возачи (иако и тоа треба ревносно да се санкционира). Министерувањето во МВР подразбира промптно реагирање по допрен глас. Министерувањето налага превентивно делување за да се спречат различни форми на криминал. Министерувањето е систематско сузбивање на распространувањето и трговијата со дрога, а не толерирање и гледање низ прсти до моментот кога ќе се процени дека активноста во оваа област ќе донесе некој политички поен.
Затоа го спомнав Спасовски како еден од политички одговорните ликови. Тој, заедно со премиерот Ковачевски, е најповикан да ги заштити македонските граѓани од секаков тип на незаконски аномалии.

Кога сме кај Ковачевски, некако зачудува неговата неподготвеност за случајов. Се стекна впечаток дека сето ова му дојде некако како гром од ведро небо. Како човекот да разбра за овој случај од вестите на телевизија, како и сите ние останатите. Како да прочита од порталите дека има некакава акција на полицијата на Клиниката за онкологија. Особено зачудуваат неговите конфузни и контрадикторни изјави во врска со случајов. Неговата изјава дека тој бил најхрабриот политичар кој конечно, после неколку години собирање храброст, решил да се справи со „страшните“ мафијаши на Онкологија. Да се справи со мафијаши, „наоружани до заби“, кои секој обид или помисла за нивно изместување од рамнотежа безмилосно го казнуваат.

„Мечку стра, мене не ме стра“, би рекле сограѓаните на Ковачевски и Спасовски. И, ете ги двата „профил ликови“ на оваа власт тргнаа во беспоштедна борба со крадците на лекови и терапија за болните.

Уф, грозно!

Кого го лаже Ковачевски? Себе си, за да не се соочи со сознанието дека е неспособен, со кое што дозволува некој да ги убива граѓаните на кои им е премиер?! Или, можеби не лаже нас, за да ја маскира и отфрли неговата вина и вината на ешалоните на неговата владејачка гарнитура која нѐ доведе до тука?!

Дефокусирањето со ретро изјави од типот „и СДСМ и свети СДСМ“ се само потврда дека Ковачевски е затечен и не знае што прави и што треба да прави понатаму. Веројатно некој знае?! Интересно е прашањето кој е тој што знае, зошто го прави и која е целта на отворањето на овој скандал токму во овој момент?

За размислување е фактот што последните неколку министри, иако се Албанци, не се од ДУИ. Иако повикав на одговорност на актуелниот министер за здравство, Фатмир Меџити (доаѓа од Алијанса на Албанците), не ми паѓа ни на крај памет да помислам дека тој човек има целосна контрола врз министерството. Да помислам дека има контрола на сѐ она што се случува внатре, по вертикала и хоризонтала. Не ми паѓа ни на памет да помислам дека за краткиот период на неговото министерување, човекот знае повеќе од „метузалемите“ Спасовски, Груби и Османи (некогашен министер за здравство) и нивните инсталации во сите македонски институции. Не ми паѓа ниту на памет да помислам дека и претходникот на Меџити, Беким Сали (Алтернатива), е нешто поарен и поажурен па успеал да фати чекор со споменатите метузалеми во владата.
Затоа е интересна оваа акција на МВР. Затоа треба будно да се следи кон кого е насочена и кој со кого се пресметува. Да се види дали акцијата е раководена од Спасовски или некој друг му ја земал диригентската палка употребувајќи ја во функција на партиски интерес и пресметка со политичката конкуренција. Треба да се следи и во контекст на новинарската истрага и актуелезирањето на трагедијата во тетовската болница токму во овој период. Истрага која го впери прстот во најистурената тројка на владата на Заев, кон Анѓушев, Филипче и лично кон Заев.

Случајов треба будно да се следи за да можеме да дојдеме до одговорите кои што во моментов ги нема. Има само прашања! Има само нагаѓања, претпоставки и логично вкрстување на факти, кои нѐ водат кон заклучоци. Заклучоци кои посочуваат на изгубена контрола во власта, на внатрепартиски пресметки, на меѓупартиска борба и на обиди за спас на поединци од потрошената власт свесни дека тука некаде е крајот.

И, толку!

Кој е крив? Не знаеме!

Одговорите за кривичната одговорност ќе ги чекаме од органите на прогон, полицијата и обвинителството, а одговорите за политичка одговорност ги бараме веднаш. Оставки и предвремени избори се единственото решение и минимум услов овој монструозен случај да биде истражен од органи кои нема да го трпат притисокот на актуелната власт.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.