Васко Шутаров 

Кога зборуваме за културата, ние сме секогаш отспротива, од другата страна на културата, пишуваше Теодор Адорно, а тоа претпоставува дека најдобрите времиња за културата се оние во кои никој нешто посебно не мудрува или не дебатира за неа, туку како совршен отпечаток на сите општествени случувања е оставена сама на себе, да се саморазвива, да се разгранува, да цвета до своите најубави височини преку неприкосновеноста на креативниот чин, каде слободата и вистината се единствени атрибути и принципи во таквиот творечки чин. Нашето искуство од културата ни ја потврдува тезата на Адорно, дека културата бега како преплашена срна кога премногу гласно се шуми или се бранува околу неа!

Во општествата доаѓале и такви периоди, во кои културата се соочувала не само со загрозување на своите два иманенти принципи, слободата на креативниот творечки чин и потрагата по вистината, туку непосредно се соочувала и со својот опстанок. Чехов еднаш запишал: „Ако не знаете што чувствувате за некој човек, затворете ги очите и замислете дека го нема!“. Парафразирајќи го, ако не знаеме што чувствувме за својата култура, доволно е да ги затвориме очите и да замислиме, дека ја нема?! Ако тогаш, ни се појават и при затворени очи: археолошки предели обраснати и покриени со троскот и трева, културно наследство кое можело да биде првокласна светска атракција, а е оставено да пропаѓа и да се распаѓа, ограбени цркви и манастири без своите најзначајни фрески и икони, бесценето културно наследство сокриено и напикано во дупки, стари и нови објекти од културата оставени на забот на времето да скапуваат во влага и мувла, творци кои престанале да творат, таленти кои престанале да го развиваат својот талент и почнале да работат што било за да преживеат, човечноста и воопшто хуманоста кои први како срни избегале, тоа со сигурност значи дека културата веќе ви е на пат, на заминување од вас!

Ако не знаеме или не сме сигурни што чувствуваме за македонската култура, не мора да ги затвораме очите и да замислуваме дека ја нема, повелете и со ширум отворени очи погледнете ја како изгледа и како пред очи ни се гасне и за време на нашите животи, си заминува од нас! Ми требаше и мене, подолго време да си го признаам тоа дека македонската култура неповратно си заминува од нас, при нас сѐ уште живи?! Едно време само си мислев ( и самиот подлажувајќи се!) дека актуелниве власти не знаат и не умеат! Едно кратко време, дека не сакаат и затоа не знаат и не умеат! Сега сум веќе повеќе од убеден дека: не смеат и да сакаат не можат, и да можат-нема да смеат! Во таков самоуништувачки маѓепсан круг е оставена македонската култура да согорува, да се самозапалува и тивко, полека да згаснува и сама да си заминува…

Ако ова ви звучи како претерување или престрого судење за  актуелните состојби во македонската култура, еве нека проговорат бројките со кои е проектирана буџетската поддршка за културата во следната 2023 година, па заеднички да просудиме одново, дали тоа е навистина така?!

Како поинаку да се протолкуваат намалувањата во буџетските ставки за 35% од програмските средства во културата, а, патем, ако реално претпоставиме дека дел од тие програмски средства ќе ги покријат одложени исплати за проекти од 2022 година (не сметајќи ги инфлаторните тенденции за обезвреднување на денарот во културата!), средствата реално ќе бидат намалени и за дури 50%! Со најмалку половина помалку програмски средства треба да функционира македонската култура во 2023 година и пред тој факт треба да затвориме очи и допрва да се прашуваме што ли треба да чувствуваме?!

Она што беше одлика на оваа власт и од што најпрво се откажуваше во сиве изминати години на владеење, се десеткуваните средства за инвестиции и капитални проекти, кои во следнава година ќе бидат намалени и за рекордни 80%?! Не доживеавме ни во оваа година да видиме новоотворен објект во културата, но затоа традиционално ја слушавме и годинава, како и во претходните пет, жалопојката дека некои објекти од културата протекуваат по секој дожд, а некои и повеќе децении стари објекти, буквално се распаѓаат?! Не знам навистина, како не им збоктиса од оплакување и вперување прст во властите кои одамна не се власт, место да засукаат ракави и нешто барем поправат, кога ниту сакаат, ниту пак умеат, нешто ново да изградат! Ајде, во овој контекст, сите здушно да стиснеме палци, барем Театарот и Библиотеката во Тетово, објект за кој со години се издвојуваат силни и силни милиони, во 2023 да доживее и да добие клуч на рака!

 

А по клучот и се препознава македонската квака која и во годинава пред нас, со судни маки ќе ја држи културата на живуркање во некаква елементарна потентност, колку да не се распадне и сосем згасне. Културата на проценти по клуч, годинава со намалените скоро цели 40% за издаваштво на пример, ќе биде вистинско чудо ако не предизвика не само бранувања, туку и поголеми констернации на меѓуетничките духови. Во годиниве на никогаш поголема опасност од загрозување на македонскиот јазик, да се кратат средства токму од дејноста која треба да го поттикнува творештвото и преводите на македонски јазик, не одат воопшто во прилог на декларираната загриженост дека идентитетот се негува и чува со творештво, посебно во дејностите поврзани со македонскиот јазик! Напротив, само го поткрепува сомнежот дека чудото наречено „чист македонски јазик“ беше флоскула за еднократна употреба, а перманентната заштита и унапредување на употребата на македонскиот јазик одамна заборавена заложба.

 

Ни драмската дејност нема да помине подобро, 20% или 30 милиони денари помалку ќе бидат средствата со кои се финансира драмската дејност и „0“ (НУЛА!) денари ќе бидат наменети за вработувањата на млади актери. (Чуму ни тогаш дипломци од Факултетот за драмски уметности?!). Ако кон намалените средства во издаваштвото и драмската дејност се додаде и постојнава инфлациска стапка, која сигурно догодина нема да биде помала од сегашниве 20 %, реалните средства за овие две дејности ќе бидат речиси преполовени, па слободно затворете ги очите и замислете што ќе остане од живата книжевна реч, живата театарска игра, а истото им се подготвува и на музичко-сценските дејности, на ликовните и на визуелните уметности.

 

Ни буџетите за плати нема да бидат доволни за цела тековна година и нека не чуди воопшто, ако со првиот ребаланс можеби уште пролетва, властите во културата направат обиди за „нови читања на колективните договори“ и нови пресметки на коефициентите и вредностите на бодот за вработените во културата. Само ако замириса на избори може да да се куртули од овие, повеќе од јасно видливи финансиски гимнастики за плати во културата. А сето тоа во еден постојан раст на патните и дневните расходи, најмногу затоа што министрите во културата (со мали исклучоци!) сега имаат можност да видат и прошетаат свет и во години кога македонската култура никако не може да излезе и да ја види свет!

 

Затоа пак, меѓународната промоција на македонската култура, ќе трепнува само одвреме-навреме благодарејќи на некој индивидуален проблесок на поединци или колективи од државата кои оставиле некаква светла културна трага меѓу странските публики. Со намалените за една третина или 34 милиони денари предвидени за македонската културна промоција во странство, македонската култура во 2023 година може само да испраќа повремени „С.О.С“ сигнали, дека наместо во својот полн раскош и сјај од богатството што го поседува, ќе живурка и ќе дише на жабри! Ќе се крати од секаде, од поддршката за дефицитарни кадри, млади таленти и почетници во културата, до поддршката за нашите културно-информативни центри, а рекордни 44 % ќе бидат скратени од програмата во културата наречена-Европски интеграции! Треба ли дополнителен коментар, што значи ова за една култура која само декларативно е самопрогласена за евро-интегративна, а всушност е преплашена и потполно загушена во културно-дипломатските акции за бескомпромисно и смело претставување на автентичното од својата култура во светот.

 

Дека се гаснат светлата и во домашното и во меѓународното културно претставување, може да поткрепиме и со неколку параметри предвидени во буџетот за заштитата на културното наследство. Колку и да се обидуваме во предложениот буџет за 2023 година да ги пронајдеме предвидените 50 милиони денари за возобновување на Св.Климентовиот универзитет во Плаошник, за жал, нема да успееме да ги пронајдеме и ќе биде многу жално ако и од оваа владина одлука од јули годинава, остане уште едно мртво слово на хартија. Како што ќе остане мртво слово на хартија и владината одлука од август 2021 година, за средства наменети за експропријација, а поврзани со расчистување на имотно-правните спорови во исклучително значајните културни зони во Скупи, Била Зора, Охрид и парцели околу Аквадуктот во Скопје. Во предлог-Буџетот за 2023 година, нема да видите ни средства предвидени за промоција на македонското културно наследство, ниту дома, а уште помалку во странство. Последен пат такви средства биле одвоени во буџетската 2018 година.

 

Култура која умира на рати, тивко, полека…

 

Може ли да не се разбудат сите чувства и да не се разгори и најжестока дебата, кога македонската култура вака сигурно и неповратно е препуштена  кон свое згаснување?! Да не се лажеме, дека само до парите во културата е проблемот, сите ние, кој повеќе, кој помалку, паметиме и знаеме за култура која се развивала и блеснувала во својот најубав сјај и со многу малку пари! Постојат наши живи современици од 50-тите години од минатиот век кои ќе ви потврдат дека и статистички и реално, во тие години нашите сограѓани повеќе пари трошеле на цигари, отколку на задоволување на своите културни потреби, но токму тоа се и години во кои се втемелени сите поважни стожерни институции во кои се креирала целата повоена македонска култура. Проблемот денес е, што станува крајно проблематично да се креира и развива македонска култура, а сѐ поскромните средства одвоени за неа, се само  потврда дека културата во Македонија е осудена да ги трча своите последни  почесни кругови.

А на просторот од кој замира и од кој си заминува македонската култура, многу лесно ќе се заријат и повеќе од симболично копјата најпрво на соседските, а потоа  на разни светски и белосветски култури, кои наместо почитувањето на важечките светски и европски стандарди за слободна и непречена размена на културни вредности и идеи, нема да престанат да ја оспоруваат и негираат македонската култура! И уште ќе „попуваат“ дека, кој не знае дека културата може да биде и најмоќно орудие  и најмоќно оружје, нема ни да осознае дека се претворил во стадо, на своја територија,  но со туѓи стопани! Така најлесно се освојувале и поробувале народите и државите-најдете само неколку групации лакоми властољупци „скарани“ со културата, убавината, добрината и човечноста, но пред сѐ со слободата и вистината-и веќе имате вазално-податлива и поданичка култура и, реално, веќе поробена држава! А за поданичката култура која непогрешливо одмолчува кога ја гушат, кога ја повредуваат или кога сосем ја негираат, најтежок е патот од т.н. заробена до ослободена држава и култура, а најтенка линијата до вистински поробена држава!  Во таква култура на живеење, културата мора да знае да расположува, бидејќи неслободните народи и поробени држави, само на тој начин можат да станат допадливи за своите знајни и незнајни господари!

Нема поголем грев да се затворат очите и да се одмолчи третманот на културата во Македонија, за кој малку е да се каже: оваа власт не сака култура! Грев е да се каже, уште потешко да се запише, но во оваа власт постојат луѓе кои дефинитивно, ја презираат култура! И затоа ја оставаат и во следната 2023 година, да биде култура на жабри, едвај да дише – и по можност, сама од себе да згасне!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.