Петар Поп-Арсов
Избори се ближат!
За едните празник, за другите кошмар. Победниците добиват сè, поразените ништо. Првите добиваат власт, вторите добиваат прогон. Таква е нашата реалност. Така сме устроени како демократија уште од самите почетоци на македонскиот плурализам… за жал.
Изборите ќе се случат, тоа е неминовно и сигурно. Единствено нешто што во моментов со сигурност се знае е тоа дека нема да бидат предвремени и дека ќе бидат спроведени во редовен термин согласно законската регулатива. Пропаднаа сите напори и укажувања дека предвремените избори (кои веќе требаше да се случат и да бидат зад нас) ќе претставуваат барем надеж за тоа дека постои решение за катастрофалната состојба во која е доведена државата. Пропаднаа укажувањата дека предвремените избори ќе стават крај или барем за момент ќе го забават економското тонење на државата и ерупцијата на криминал и корупција во сите сфери. Не ни преостанува ништо друго освен да го чекаме редовниот термин.
Дали парламентарните ќе одат заедно со претседателските или сето тоа ќе се организира посебно, е единственото неодговорено прашање во однос на терминот на изборите?! Претпоставка е дека сме во деновите кога на вага се ставаат и последните милиграми од аргументите кои ќе влијаат на одлуката за датумот на изборите. Секако, тука се мисли на парламентарните избори од едноставна причина што датумот за претседателските не е предмет на политичка пресметка.
Датумот на изборите е само едно од прашањата кое е од исклучително значење. Тука се поставуваат уште неколку прашања кои ќе имаат сериозно влијание над севкупните процеси кои што ќе се случуваат од јануари па натака. Секако дека едно од најважните прашања кои ќе влијаат на политичката разврска на изборите е прашањето: „Дали е потребна т.н. „Пржинска влада“ која технички ќе ја води државата почнувајќи сто дена пред изборите?“. Ова е сериозно прашање кое заслужува сериозно внимание посебно од опозицијата која претендира да стане власт и ги има речиси сите параметри на своја страна.
Факт е дека „Пржинската“, односно преодната влада за спроведување на изборите, треба да биде формирана на сто дена пред нивното оддржување. Тоа е законска обврска согласно Законот за влада кој што беше дел од пакетот решенија на „Пржинскиот договор“.
„Пржински договор“, омразен термин кај многу македонски граѓани. Термин кој што се доживува како синоним за политички инженеринг и вонинституционално донесување на одлуки кои не се продукт на демократските процеси и демократски избраните институции во државата. Перцепиран како симбол на капитулација и предавање на власта без уважување и консултација со волјата на граѓаните.
Можеби во 2016 година мораше така да биде?!
Но, дали така треба и мора да биде сега?
Дали опозицијата треба да учествува во преодната „Пржинска влада“, е можеби најважното неодговорено прашање во моментов?!
Сосема е легитимен ставот кој што деновиве е презентиран од највисоките функционери на ВМРО-ДПМНЕ, партијата со најголем број на опозициони пратеници во Собранието и која законски го има правото и обврската да предлага министри и заменици во следната преодна влада, дека „Пржинската влада“ повеќе не е потребна. Сосема е легитимно да се стави под знак прашање една одредба соддржана во Законот за влада која нема никаква врска со демократијата. Сосема е легитимно да се бара поедноставување на процесот на спроведување на изборите, без да биде оптеретуван со непотребни законски вратоломии кои можат само да го усложнат и пролонгираат нивното оддржување.
На кого му е потребна „Пржинска“, поточно кажано недемократска влада, продукт на политички инженеринг?
Секако дека на оној, кој што ја има поддршката од мнозинството граѓани не му одговараат ваквите недемократски решенија кои во секој случај ќе предизвикаат дисторзија на волјата на граѓаните. „Пржинската влада“ им одговара на губитниците, на оние кои што немаат поддршака во народот и на оние кои што бараат начин да ги заобиколат правилата на функционирање на една демократија.
Затоа, легитимен е ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека потребата од „Пржинската влада“ е веќе минато. Секое влегување во иста влада со СДСМ и ДУИ ќе предизвика штета, не само на најголемата опозициона партија, туку и на државата во целост. Во тие сто дена ќе се создаде дополнителен хаос во државата за кој ќе постои споделена одговорност кај сите учесници во владата. Тоа е нешто кое што го посакува актуелната власт со цел да ја намали или анулира сопствената негатива во однос на опозицијата.
Министрите и замениците министри кои би биле избрани на предлог на опозицијата, ќе имаат само технички мандат. Ќе бидат опкружени по цела хоризонтала и вертикала со кадар на актуелната власт која во секој момент ќе ја опструира и блокира нивната работа. Ефектите од нивното министерување ќе бидат незначителни, дури и политички негативни.
Се сеќаваме на изборите во 2020 година, кога Министерството за внатрешни работи беше раководено од технички министер предложен од опозицијата. Токму тогаш се случи сериозен изборен поткуп, при што веќе воспоставената структура на раководење во МВР поставена од Оливер Спасовски не стори ништо за спречување на ваквиот изборен криминал. Изборниот поткуп се случи преку злоупотреба на социјаните пакети кај социјално најзагрозените граѓани. Да не заборавиме, Министерот за труд и социјала во преодната влада беше избран на предлог на опозицијата, која подоцна експресно беше разрешена од Собранието со образложение дека е прекршен Преспанскиот договор. Во Министерството за финансии се случуваа опструкции и блокади во текот на целиот предизборен процес, а во Министерството за информатичко општество и администрација, функционерите предложени од опозицијата делуваа како канцеларија на некаква невладина организација која спроведува некој маргинален проект во рамки на министерството.
Сите овие аномалии кои што се случуваа во 2020 година предизвикаа ефект на споделена одговорност кој се одрази на денот на изборите и го превенираше неминовниот пораз на власта. Катастрофата што Заев ја доживеа една година подоцна на локалните избори, требаше да му се случи на изборите во 2020 година. Токму пржинските вратоломии, кои веројатно имаат влијание на плус-минус еден пратеник во секоја изборна единица, имаат влијание на плус-минус пет пратеника во вкупниот биланс на собраниски мандати. Минусот од пет мандата на твоето конто е плус од пет мандата на контото на противникот, што во апсолутни бројки претставува анулирање на разлика од десет пратеника.
Оваа илустрација дефинитивно ја потврдува исправноста на ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека „Пржинската влада“ е штетна за демократијата во државата. „Пржинската влада“ ќе го дефокусира вниманието на граѓаните од вистинските проблеми со кои што се соочуваме во момнетов. Ќе фрли нова слика на настаните која што ќе трае во тие стотина дена од нејзиното функционирање и дефинитивно ќе доведе до аморфизација на веќе кристално јасната слика и впечатокот дека оваа влада и власт се неспособни.
ВМРО-ДПМНЕ мора да најде начин за да ја избегне замката наречена „Пржинска влада“. Дали тоа ќе биде преку промена на Законот за влада (доколку постои политичка волја кај сите политички партии), дали преку неучество во таквата влада врз основа на политички став или пак можеби да предложи министри (поради сопствената законска обврска), кои отпрвин ќе бидат избрани за да веднаш потоа самите си поднесат оставки, ВМРО-ДПМНЕ не смее да учевствува во ист владин состав со Маричиќ, Спасовски, Османи и Груби. Мора да најде законски начин за истовремено да испрати порака дека е партија која ги почитува законите, но и партија која внимава со кого соработува. Мора да најде начин како да се дојде што поскоро до избори, а истовремено да ги избие сите процедурални алатки од рацете на власта со кои би можеле да го кочат и одолговлекуваат процесот.
Нека ги остави СДСМ и ДУИ самите да си ја прават „Пржинската влада“. И така само на нив им е потребна!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.