Петар Поп-Арсов
Крајот на годината. Период кога се става црта и се прави завршната сметка на нашето патување низ времето во изминатите дванаесет месеци. Моментите кога го правиме билансот на сите наши постигнувања и промашувања, на работите кои сме ги завршиле, недовршиле или пак на оние кои не сме ги ниту започнале, ставајќи ги повторно на списокот на желбите за наредната година.
Претставува вистински предизвик да се напише последниот текст во годината. Текст кој што би претставувал сублимат и реминисценција на ситните детали содржани во големата слика или текст како поглед и анализа на истата таа слика во целина, во која деталите ќе се ползуваат како безначајно топовско месо и колатерална штета.
Осиромашувањето, поскапувањата, инфлацијата, енергетската криза, корупцијата и криминалот, како и неспособноста на оние што не водат беа основните бои на виножитото со кои беше насликана 2022 година. Нивната меѓусебна поврзаност и испреплетеност ги креираше сите нијанси на сивиот спектар кои, повеќе или помалку, го покрија платното на личната годишна слика на секој од нас.
Многу се пишуваше за нашата сива сегашност, која беше толку опиплива и реална што целосно нé оневозможуваше да погледнеме ниту ден, недела или месец подалеку во иднината, ниту пак метар понастрана од зацртаната дневна траекторија по која се движиме како притвореници на секојдневните обврски. Додуша, како за кого, да бидеме реални. Некој повеќе, некој помалку, но во просек суштината е таа.
И сите полека заборавивме на големата слика. Онаа слика чие што платно се оптегнуваше и подготвуваше цели осум години. Платно на кое беа нанесени сите потребни подлоги за да може да го издржи црвенилото на бојата на човечката крв чии што први капки паднаа на 24 феврури 2022 година.
Војната во Украина!
Војната која влијаеше буквално на сé во светот. На целата голема слика и сите нејзини детали. Убавите ги неутрализираше, грдите ги мултиплицираше. Трета светска, прва глобална, цивилизациска или хибридна беа имињата и дефинициите со кои се оперираше за да се објасни сериозноста и опфатот на овој судир.
Никој веќе не зборува дека се работи за војна само меѓу Русија и Украина. Тоа е војна над војните. Војна на сите полиња и во сите пори. Војна што ја користи украинската земја како бојно поле и ринг за пресметка. Тоа е војна што се води внатре во секоја земја од светот. Војна која што во земјите во кои не се пука се води со демократија и владеење на правото, но по потреба и со сила кога правото и демократијата натежнуваат на страната на оној кој не ја контролира силата. Тоа е војна што ја водиме и тука, во Македонија, делејќи се на про-вакви или про-онакви, непознавајќи ги реално и во целост ниту „ваквите“ ниту „онаквите“, ниту пак нивните вистински и крајни намери и интереси.
Како дојдовме до тука?
Да се вратиме малку назад, на претпоследниот самит меѓу САД и Русија, некаде во јули 2018 година. Средба меѓу највисоките раководства на двете земји предводени од претседателите Трамп и Путин. Tête-à-tête средба меѓу Путин и Трамп без никаква придружба, без записник и било каква пишана трага од состанокот. И ден денеска политичката јавност во САД бара извештај и информација за што тоа зборувале Трамп и Путин?! Што договориле?
Во очи на самитот Трамп ќе изјави дека односите со Русија никогаш не биле полоши и дека Русија е „непријател на одреден начин и во одредени аспекти“, но Европската унија е таа која што е најголемиот трговски непријател на Соединетите Држави.
Аха, интересен почеток!
Пред самитот, на самитиот и околу самитот бострано и унисоно, како од официјален Вашингтон така и од официјална Москва, беа отфрлани обвинувањата од демократите за руската вмешаност во американските претседателски избори на кои победи републиканецот Трамп. Ова беа првите јасни и видливи знаци на поместување на „линијата на фронтот“ која веќе не фигурираше на исцртаните државни граници туку како разлиено мастило беше размачкана длабоко во секоја демократски устроена земја. Нова доктрина, нова стратегија, нов начин на војување, овој пат меѓу глобалистите и суверенистите. Се сеќавам и лично доживеав да видам со каква хистерија, страв и загриженост беше примена победата на Трамп меѓу претставниците на европските земји во Советот на Европа. Хистеријата беше толку изразена што дури се транспонираше и на цели семејства, деца и ученици кои во училиштата се етикетираа како вакви или онакви. И таму имаше „вмровци и сдсмовци“, да не мислиме дека сме „поарни“.
По Трамп дојде Бајден. Победи „по пошта“, на ковид избори, не помалку контраверзни од оние на кои победи Трамп. И таму се „полнеа кутии“ да не мислиме дека сме „поарни“ од нив. Упадот во Конгресот кој што следуваше потоа, деновиве доживува разврска. И тие имаа „упад во Собрание“ само и само да не мислиме дека сме „поарни“ од нив. Конгресната комисија за испитување на овој инцидент во петокот излезе со заклучок дека главната причина за случувањата на 6-ти јануари 2021 година е еден човек, поранешниот претседател Доналд Трамп.
Аха, интересно продолжување!
Речиси истовремено со обелоденување на извештајот и случувањата поврзани со Доналд Трамп, Бајден го прима Зеленски. Средбата беше искористена за обезбедување на американска воена и хуманитарна помош во вредност од преку две милијарди долари. Колку од сето тоа е помош, а колку е бизнис и трговија тие си знаат. Во суштина војната продолжува, а според профилот и силата на оружјето кое и се доделува на Украина јасно станува дека судирот ќе добие нова димензија и ќе влезе во повисоко ниво.
Ова се очигледни показатели дека Бајден и политичката структура која што го поддржува водат војна на два фронта. Едниот дома со Трамп, а другиот во Украина со Путин. Како стојат работите на двата фронта, некако сеуште не е јасно. Но, она што е јасно е тоа што САД ја добива битката на третиот фронт, битката со својот „најголем трговски непријател, ЕУ“.
Интересен исход на судирот Русија-САД на украинското бојно поле. Бајден ја води војната на Трамп! Ја води и ја добива војната со, од Трамп посочениот најголем тровски непријател на САД, Европската Унија!
Русите се растрчани на другата страна на светот. Кина, Иран, Индија, дури и фудбалски ја напуштаат Европа и се селат во Азија. Какви се резултатите од средбата на Медведев со кинескиот претседател Си Џипинг, која временски кореспондираше со средбата Бајден-Зеленски, допрва ќе видиме. Веројатно патот до Пекинг не бил без никаква цел, иако официјален Пекинг постојано праќа умерени пораки и повикува на мир. Неизбежен е впечатокот дека токму Пекинг е најголемиот добитник од војната во Украина по принципот двајца се караат, во случајов тепаат, а третиот користи.
А зошто третиот да користи?
Се поставило ли некогаш прашањето која е причината САД и Русија да бидат непријатели во дваесет и првиот век? Ако причините за нивниот ривалитет во втората половина на минатиот век се повеќе од јасни, која е математиката на нивниот судир во услови на галопирачки раст на Кина во секој поглед. Кина станува економски, технолошки, трговски и воен џин и воопшто не е разбирлива и рационална конфронтацијата во западната цивилизација. Русија дефинитивно е дел од таа западна цивилизација.
Ваквата конфронтација која се одвива на сите нивоа оди на штета на цела западна цивилизација. Двојните фронтови кои што се присутни насекаде во Европа го истоштуваат континентот во секој поглед. Намаленото внимание или целосното отсуство на контролни механизми создава услови за зајакнување на повеќето општествени аномалии при што предничат криминалот и корупцијата насекаде во Европа, повеќе или помалку. Тоа е особено изразено во земја како што е Македонија во која со секој нареден ден имаме се поголема корупција и криминал, а се помала кредибилност и доверба во судството. Што е најлошо од сé, нема лек за овие болести, а на протагонистите кои во моментов се затекле на значајни државни функции, баш им е гајле. Никој не им може ништо. Светот е зафатен со поважни нешта.
И како капак на сé треба да менуваме устав. Да менуваме устав за да почнеме преговори со ЕУ, најголемиот трговски непријател на нашиот стратешки партнер, САД.
Комплицирано!
Големата слика е толку многу голема што ќе ни треба многу време и „лупа за намалување“ за да можеме да ја видиме во целина и отприлика да се лоцираме самите себе на неа. До тогаш, ќе си ги гледаме скапотијата, осиромашувањето, корупцијата и криминалот како нашата голема слика која постојано ни стои пред очи.
За останатото заклучокот ви го препуштам вам!
Јас не се осмелувам ниту да се обидам да го извлечам!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.