Васко Шутаров

Има и такви денови и ноќи во животот кога од болка зборот застанува во грло, а прстите не можат да испишат ниту еден, единствен збор. Во еден ист момент целокупната македонска јавност крикна од болка по насилно прекинатите животи на 14-годишната Вања и 74-годишниот Панче. И цела држава занеме во траор.

Што да се каже, а да не се долее масло на така силно разгорениот оган од гнев и бес и што да се напише, а да не се фрли сол на отворената рана од колективнава траума, која разбуди мноштво чувства, од вџашеност и престрашеност, до сочувствителност и засраменост. Сите овие така силноразбудени колективни чувства, токму овде и токму сега, бараат зрнце сол, бараат сталоженост, умност и барем малку мудрост во артикулирањето на сеопштиот крик од болка, тага и мноштво неодговорени прашања.

Сакале или не, токму кога најмногу боли, мораме да признаеме, дека нашето општество боледува од една тешка болест, која социолозите, од Емил Диркем наваму, ја нарекуваат аномија. Македонското општество веќе долго боледува од тешка аномија, која за среќа, може и да се дијагностицира и да се лечи, но само ако има доволно општествена свест и граѓанска енергија, но најмногу политичка волја за да биде третирана и да биде излечена. Дали силно разбудената колективна емпатија и сеопшта сочувствителност предизвикани од агонијата на еден насилно прекинат млад живот, навестуваат дека има лек за нашата долготрајна и самоуништувачка болест, наречена аномија?!

Општествената болест аномија означува социјална состојба во која се случува исчезнување и распад на вредностите, нормите, идеите и целите кои дотогаш биле заеднички, а во меѓувреме, не се воспоставиле други такви, кои би биле општоприфатени за сите. Во такво општество, сите дотогашни функционални и органски врски помеѓу луѓето и нивните заедници постепено се распаѓаат, а со тоа се губи и елементарната колективна солидарност која создава компактна и функционална заедница.

А кога вредностите и нормите транзитираат кон нови и кога зад нив не стои заеднички општествен, национален и државен консензус, се создава социјално растројство и структурни деформации кои водат кон секакви општествени девијантни и криминогени појави. Покрај отсуството на јасни општествени цели, идеи, норми и вредности, се јавува аномија, која води кон разронување и постепено уништување и на општеството и на државата.

Аномијата е општествена болест која во суштина претставува неусогласеност помеѓу нормативно-функционалните очекувања и барања од еден систем и реалното однесување на граѓаните што го создаваат таквото општество, за жал, сè пооттуѓено од нив! Општеството, во ваков случај, веќе нема можност да ги насочува однесувањата на граѓаните во нормални институционални рамки на кои тие порано се научиле или се навикнале, а луѓето со веќе изгубена вредносно-нормативна ориентација се наоѓаат во состојба на постојана вознемиреност, крајна напнатост или длабока депресија. Во таков општествен амбиент се дејствува или во страв и грч, или во ризик, во склад со моменталните интереси, но без желба и без волја за реорганизација на структурните елементи на општеството и политичкиот систем. Во такви случаи, аномијата знае да биде погубна, како за личноста, така и за општеството и за државата.

Личноста може лесно да се десоцијализира (и дехуманизира!), да ги изгуби навиката и потребите од морално-правно регулирање на своето однесување, да се мотивира само од лични интереси и користољубие, а животните цели да ги сведе само на ниво на примитивно-хедонистички и социјално-егзибиционистички манифестации.

Општеството и државата почнуваат да се распаѓаат, бидејќи актуелните квази-норми и квази-вредности кои „носат живот“ и секакви животни користи, не дозволуваат да се реорганизираат некогаш стабилните социјални врски, односите во заедницата и политичките институции. Аномијата тогаш метастазира и создава свој посебен, „менажерија-систем“, во кој успеваат и потполно бесчувствителни и одродени од човековиот род, „луѓе“, кои за жал, често стануваат и модератори и креатори на истиот тој систем.

Корупцијата и криминалот во такви аномични општества се претвораат во секојдневна култура на однесување, базирана првенствено на културата на насилство и со првенствено право на посилниот, побезобразниот и најмалку човечниот.

Аномично болното општество, ја губи способноста да ја контролира власта, па настапува потполн вакуум во разбирањето и практикувањето на општествените вредности и норми и почитувањето на законите. На таквата власт, може совршено да ѝ годи отуѓувањето од таквото заболено општество, па и самата таа не мора да се држи до законите и до она што некогаш било парадигма за посакувана етика и морал, норма и вредност! Но, да не се лажеме, власта и општеството, подеднакво зафатени од аномија, функционираат како совршено складен пар!

Власта изнедрена од такво болно општество, вредностите од цивилизираните модерни општества ги прифаќа само про форма и само декларативно, почитувајќи ги во пракса правилата на игра и нормите на криминалното подземје, кафанската раскалашност и инфлуенсерска примитивност и развратност! Говорот на омраза станува образец, како за приватна, така и за јавна комуникација, а општествениот дијалог како база за секаков напредок е заменет со монолози – полни со вербално насилство и со сочен примитивизам. А, толку е тенка линијата, од вербалното до оруженото насилство-таман дури трепнеш и кажеш добар ден некому!

Во такво аномично општество, вредностите на образовниот систем и на културата се сведени на ниво на безначајна работа, која само дополнително го оптоварува буџетот. Достоинството на учителот се негува само со периодично зголемување на платите, во еден разрушен образовно-воспитен процес во кој повеќе не се негува култот на знаењето, туку култот на моменталните хирови на одредени „мамини и татини“ ученици, хирови поттикнати од она што младите умови го впиваат, од она што аномичното општество им го сервира како пример за следење!

Општеството болно од аномија го уништув аправосудниот систем и ја разорува правната држава и во нив изумира принципот на еднаквост на сите пред законот, а жилаво опстојува само системот кој е чувар на грбот: на моќта и на парите; на криминалот и на корупцијата.

Во општество целосно заболено од аномија, сè полесно ќе се бришат разликите помеѓу безбедносниот систем и органите на јавниот ред и мир од една страна и криминалното подземје од друга и веќе никој нема да биде на јасно и на сигурно, кој кога се крие зад службената униформа, а кој кога отворено надгледува непречено дилање дрога, во нашиот сокак илина некое фино место за излегување, токму до нашата маса.

Општество заболено од аномија создава неброени лични агонии кои сериозно го загрозуваат здравјето на луѓето, во еден здравствен систем кој и самиот е заболен од истата болест од која боледува и општеството! Постојаниот недостиг од животно важни лекови, долгите редици пред ординациите, бескрајно долгото чекање за операции, отсуството на елементарна хигиена во болничките простории и корупција која и за луѓето во бели мантили станува рутинска „операција“, го прават и здравствениот систем тежок пациент, длабоко зафатен од подмолната болест, аномија.

Општеството заболено од аномија, вредностите наречени скромност, умереност, пристојност, воспитаност и срдечност ги смета за старомодни и својствени само за луѓе кои ги гази времето, бидејќи напред газат само ненаситните, себичните, непристојните, агресивните и најмалку човечните. Во општества заболени од аномија, вредиш онолку колку што имаш вложено во гардероба на себе или вложено во разубавување и во подмладување, колку што ти чинат автомобилите и џиповите паркирани пред апартманите, или колку што ти вреди јахтата, која те чека на некое топло и егзотично море!

Во општества со длабоко вкоренета аномија, пред олтарот на новокомпонираното свето тројство: брзо богатење-рекетирање-коцкање, се положуваат сите некогашни вредности и норми, сосе мноштвото човечки животи и судбини кои го одбиваат тоа, новокомпонирано ново!

Аномијата создава атомизирано општество, во крајните стадиуми како тешка општествена болест таа е разорна сила која ги разбива сите стари добри односи, врски и релации, од семејните, роднинските, другарските, пријателските, колегијалните, преку генерациските врски на младите со возрасните, до верските, етничките, идеолошките и политичките односи и врски! Последниве, политичкиве кои ги имаат сите средства и инструменти да се справат со општествената аномија, најчесто само палијативно третираат екстремни манифестации на болеста, кои знаат да ја вознемират или разгневат јавноста, но на крајот јавноста или е изиграна или обвинувана дека затајува или разгорува-и на крај секогаш е анестезирана! Лек постои, само што лекот за болеста, не е анестезија на свеста и совеста!

Аномијата го разорува и општествениот и политичкиот и државниот систем и тој систем, така заболен, не може ниту самда се рестартира, ниту сам да се апдејтира. Уште потешко, таков нов општествен систем можат да изградат оние кои ги создале сите неопходни услови општествената аномија така силно да ја зафати секоја пора од општествениот живот. Тешка аномија не се лечи со прес-конференции, политички памфлети, пропагандни брошури, со социјални пакети, со декрети, со запалива реторика илиразгорувањеговори на омраза, а најмалку со јакнење на полициска држава. Лек постои, само што пациентот одбива да го прими лекот!

Општествена аномија најпрво се третира и лечи со детронизирање и комплетно развластување (може и без нужно демонизирање!), на сите политички ликови, кои, болеста сиве овие години ја поттикнуваа и сè уште ја негуваат, живеат и се богатат од неа. (прв чекор од упатството за лекот!)

Аномијата се третира и лекува, само со добри, здрави и нормални луѓе, кои поседуваат знаење и вештини, но поседуваат и корпус од човечки особини, вредности и норми од кои така лесно се откажавме: чесност, скромност, посветеност, амбициозност и емпатичост! Со игнорирањето и отфрлањето на маргините на таквите луѓе обдарени со знаење и со морална вертикала, стасавме до овој стадиум на општествената болест!

Аномијата не се лекува со билки од хербариумот од свенати и потполно пресувани и исушени институции, тукусамо со здраво поставени и моќни институции кои неприкосновено, компетентно и ажурно, без влијание на политичката и моќта на бизнисот и парите, ќе си ја вршат работата!

Затоа дотука стасавме, до едно болно аномично општество со неброени лични агонии-до болно општество за сите, наместо до здраво општество за секого! Во моменти кога силно пробудената општествена свест, колективно сочувствува и очекува одговори, вистина и одговорност, кога до точка на вриење е доведен отпорот кон болеста што непрестано продуцира болки и страдања, токму во рацете на здравата и толку човечна општествена свест се наоѓа и лекот за болеста од која долго, предолго веќе боледува нашето општество.

А лекот, како и за многу болести од кои боледува човекот е секогаш тука некаде, најблиску до нас! Дали тој лек ќе биде осило за власта, коеќе ја боцнува и ќе ја потсетува секојдневно, дека не постои поважна работа од грижата за заздравување на општеството или и ова осило власта ќе го приграби и употреби како инјекција за повторно анестезирање на разбудената општествена свест, со најнова турска серијаво најава, ќе дознаеме бргу!

За многу бргу, кога осилото секако ќе стане и пенкало…

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.