м-р Нермин Теловска
22 Октомври е меѓународен ден посветен на зголемување на јавната свест за пелтечењето и се одбележува во светски рамки. Според Меѓународната статистичка класификација на болести и поврзани здравствени проблеми, пелтечењето (или тептавење) е дефинирано или опишано како:
„Говорење што се карактеризира со чести повторувања или продолжувања на гласови, слогови или зборови, или со чести колебања или паузи со што го нарушуваат ритмичкиот тек на говорот. Треба да биде класифицирано како растројство, само ако неговата тежина е толкава што видливо ја нарушува течноста на говорењето.“
Оваа дефиниција која се однесува исклучиво на флуентноста на говорот, има недостатоци и не е комплетна. Пелтечењето е мултидимензионален проблем, и не го опфаќа само проблемот на флуентноста или течното говорење, туку од најрана возраст, најчесто предизвикува појава на негативни мисли и емоции.
Денес Ви се обраќам на сите вас, деца, млади, возрасни, сите кои имате искуство со пелтечењето. Само Вие ја имате таа можност, ја имате таа моќ, пелтечењето да го трансформирате во предизвик, преку чувството на немоќ да стасате до силата, преку чувството на безнадежност до победата и надминувањето на сите препреки, до остварувањето буквално на секоја животна цел која ќе си ја поставите!
Вие се соочувате секојдневно со незнаењето, слаби комуникациски вештини, нетрпение да бидете до крај исслушани, недостаток на емпатија од страна на вашето опкружување и несвесност за последиците од погрешното однесување.
Дали во семејството, детската градинка, училиштето, на факултет или во работната средина Ви е дадена можноста и поддршката, отворено да зборувате за вашите мисли и емоциите поврзани со зборувањето? Тука сме сите одговорни и заеднички треба да се избориме за тој толку значаен простор. Просторот за искажување индивидуални искуства и лични грижи, прифаќање на состојбата и нејзина промена. Секоја промена на индивидуалното поле се пресликува на полето на секоја општествена клетка и општеството како целина. Секој поединец е битен елемент на општеството и никој не смее да биде заборавен. Од квалитетот на животот и индивидуалната среќа зависи какво општество градиме за сите нас, за нашите деца и внуци.
Многу од вас никогаш не зборувале за своите стравови и чувства поврзани со пелтечењето, за чувството на намалена самодоверба и покрај сите ваши квалитети.
Вие сте најважниот извор на информации кога станува збор за сфаќањето на пелтечењето и неговата комплексност. Вие најдобро знаете да го опишете чувството кога треба да се претставите, кога треба како ученик да застанете пред таблата и да одговарате, да одите на испит оптоварени со мислата како ќе зборувате, Вие знате каква е таа трема и возбуда пред интервју за работа или на средба со нови лица, и само вие знате што значат за вас сите разочарувања поради несфатеноста од страна на соговорникот.
Пелтечењето може да биде збунувачко – и да се прашувате зошто имате течен говор во некои ситуации, а пелтечите многу повеќе во други, или зошто понекогаш се чувствувате како да не можете да дишете. Некои луѓе кои пелтечат, се соочуваат со голема видлива физичка напнатост на телото. Други, цело време работат на тоа да го сокријат своето пелтечење, но, мисловно и емоционално се оптоварени.
Ви посакувам и знам дека Вие можете тоа да го направите:
– Никогаш повеќе да не избегнувате говорни ситуации и можности за искажување сопствени ставови и емоции поради стравот од пелтечење;
– Никогаш повеќе да не го доживеете чувството на вина, срам или лутина поврзани со вашето зборување;
Нашата мисија е заедничка, да го унапредиме јавното и научното разбирање на оваа состојба често пати погрешно разбрана.
(Авторката е логопед, специјалист за дисфлуентни нарушувања, Директорка на ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација – Скопје)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.