Атанас Кирјаковски

Си бил еднаш еден барон, Хиеронимус Карл Фридрих вон Минхаузен кој си живеел во Хановер, Германија во 18-тиот век. Својата професионална кариера ја започнал како момок-помошник на некој важен војвода, кој заедно со него го понел нашиов барон во Руско-Турската војна водена истиот век. Учествувал во две битки, некако преживерал, та дури се стекнал и со титула поручник. По враќањето од војната остатокот од својот живот го поминал на еден од своите имоти, постојано одејќи на аристократски забави каде раскажувал за неговите неверојатни „авантури“ во Русија. Неговите раскажувачки способности биле такви што станал доста популарен и многу благородници од околијата доаѓале да му ги слушаат приказните. „Авантури“ е во наводници бидејќи биле неверојатни и полни со измислици, деветини и бесмилици. Но неговото вешто раскажување ја убедило аристократската публика да го слуша со љубопитност и за брзо време да стекне впечаток за него како храбар и искрен човек. Овој „храбар и искрен човек“ бил инспирација за германскиот писател и негов современик (и преварант) Рудолф Ерик Распе да ја напише „Изненадувачките авантури на Барон Минхаузен“, фикционализирајќи го баронот во бесмртен архетип на измислувач или со модерна терминологија – во бесмртен булшитер. На пример, покрај неговите тврдења дека јавал топовко ѓуле, раскажувал дека бил на месечината, дека бил проголтан и од кит, една од неговите други познати „авантури“ е кога наводно паднал во езеро и се спасил самиот себеси на начинот што си ги повлекол врвките од своите аристократски чизми нагоре, подигнувајќи се самиот надвор од водата (тука не можам а да не спомнам дека во статистиката се користи терминот „bootstrapping“ мострење кој е инспириран токму од „авантурава“ на Барон Минхаузен).

Од сета таа фантазмагорија на почитуваниот Барон Минхаузен произлезе модерниот концепт на некој кој намерно преувеличува, фабрикува проблеми, измислува неправди, глуми повреда и лажно се самовиктимизира со цел и намера да добие внимание од другите – однесување познато као „Минхаузен синдром“. Кога зборуваме за овој синдром, мислиме на некој кој глуми жртва со цел да добие симпатии од другите, неретко за да оствари некаква себична цел. Еден вид на посебно перфидна манипулација. Нешто како целата бугарска политика кон Македонија во последно време. Посебно онаа во периодот откако тукашнитe „нобеловци“ на чело со Заев, го потпишаат циничниот и патетичен „договор за добрососедство“.

Бугарскиот Минхаузен синдром посебно се засили и истакна после оној немил настан на претепувањето на оној Охриѓанец. Многу битно да напоменам дека во никој случај не оправдувам дивјачко и варварско физичко насилство врз никого, вклучително и врз дотичниот господин. Дури и да се работи за должничко-доверителски односи како што проструи информација низ медиумите. Никој не заслужува да трпи физичко насилство и страдање во 21-виот век, без разлика на неговите ставови, определби и – долгови. Но она што е фокусот на оваа колумна, е начинот и намерата на официјална Софија да го искористи овој инцидент во кој случајно е инволвиран македонски државјанин со „бугарска самосвест“ и да нѐ претстави нас Македонците како „бугарофоби“. Ред бугарски политичари од разни деноминации почнаа со жалопојки, тужибабење, плач и лелек на сите можни канали и во сите можни европски центри. Го пуштија својот Минхаузен синдром на најјако и исценираа „драматична евакуација“ (противсуверена) на господинот од Охрид. Еклатантен пример за бугарски Минхаузен се изјавите на претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој пред една седмица даде и патетична изјава дека претепувањето во Охрид е „резултат на систематските кршења на правата на Бугарите во Македонија“. Булшит.

Секој Минхаузен синдром да глумење жртва мора да има и ескалација на симптомите. Па така, следниот чекор на бугарската власт беше да го (привремено) отповика нивниот амбасадор во Република Македонија како некаков си гест на „протест“. Глумење полжав на кој сме му го допреле окцето па нагло си го повлекол и собрал во главчето. Нежни гревчиња. Додека намерно отвораат провокативни неонацистички клубови со согласноста на СДСМ/ДУИ, нас Македонците нѐ обвинуваат за омраза. Веројатно целта е оваа бугарска бурлеска да резултира со ставање вето на нашите евроинтеграции (пффф, како да ни е првпат божем) и целота ова глумење „жртва“ е во функција само на напад и агресија кон нас. Мора синдромот да ескалира во таа насока, мора бугарските власти да си направат жртвено алиби за сопствената империјалистичка омраза која ја чувствуваат кон Македонија. Преку лажното самовиктимизирање, се обидуваат да нѐ оцрнат, обезличат и да ги натераат и другите да нѐ мразат. Веројатно сметаат дека ваквата пасив-агреси стратегија е соодветна за овој век во кој на физичкиот агресор не се гледа баш најдобро, посебно после Руско-Украинскиот конфликт, па пребегнуваат бугарските барони кон перфидна тактина на психолошка агресија, претставувајќе се себеси како жртви, бескрупулозно искористувајќи го охридскиот инцидент како причина и повод за да си ја оправдаат својата повеќедецениска омраза и негирање на македонскиот народ. Баронот Минхаузен кога би бил жив, сигурно би се гордеел со нив.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.